Според премиерот, веб-страницата на ФЗО, која неколку дена не е во функција, а поради што корисниците на Фондот имаат проблем за добивање услуги, е хакирана, а тоа, како што вели, е дел од хибридната војна што моментално се води во Европа. Тој ги повика здравствените работници и корисниците на Фондот да бидат трпеливи, зашто, како што напомена, институциите деноноќно работат на решавање на проблемот заедно со експерти од Германија и од други партнерски држави
Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека во најкраток можен рок ќе се изнајде решение и начин за на вработените во здравствениот сектор да им се исплатат платите кои сè уште ги немаат добиено поради моменталната нефункционалност на трезорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Ковачевски вели дека доцна синоќа разговарал со министерот за финансии Фатмир Бесими со цел решавање на овој проблем, а во таа насока вели дека е можно платите на здравствените работници да се исплатат преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗО.

Говорејќи за блокираната веб-страница на ФЗО, која неколку дена не е во функција, а поради што корисниците на Фондот имаат проблем за добивање услуги, премиерот вели дека најверојатно се работи за хакерски напад кој е дел од од хибридната војна што моментно се води во Европа покрај класичната војна во Украина.
„На вакви напади беа изложени голем број институции во голем број држави и тоа особено членки на НАТО. Сетете се само на хакерските и на сајбер-нападите што беа во Албанија и во Црна Гора и во други држави. Тимовите на Министерството за здравство и на ФЗО, пред сè, но и на други институции, работат заедно со експерти и професионалци од Германија и од други партнерски држави со цел да се реши проблемот, бидејќи во овој момент не може да функционира трезорот и исплатата на финансиските средства од ФЗО по различни основи“,
вели Ковачевски.
Премиерот апелира до здравствените работници и до корисниците на ФЗО да бидат трпеливи, зашто, како што напомена, деноноќно се работи на решавање на проблемот, а се прават максимални напори да нема застој во давањето на услугите.
„Ние обезбедивме преку вработените во ФЗО во изминатиот период да нема застој во давање на услугите со тоа што вработените ги продолжија и своите работни часови, дел од процедурите беа променети од дигитално во мануелно процесирање на барањата на осигурениците, особено на оние што одат од државните во приватниот сектор и обратно за одредени прегледи и за одредени интервенции. Така што, мислам и ова ќе биде решено“,
додаде Ковачевски.