Предлогот Митрески да биде избран за нов претседател на Собранието беше поддржан од 64 пратеници од вкупно 104 кои гласаа. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше
Премиерот во оставка и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, вечерва на социјалната мрежа Фејсбук му го честита изборот на Јован Митрески за претседател на македонското Собрание и му посака успех во работата.

„Му честитам на Јован Митрески кој денеска беше избран за претседател на македонското Собрание и посакувам успех во работата. Уверен сум дека Митрески ќе ја извршува функцијата посветено и одговорно, во интерес на граѓаните и доброто на државата“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Собранието на денешната пленарна седница ги констатира оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието, Талат Џафери, по што следуваше избор на нов претседател на Собранието.

За оваа функција, на предлог на 65 пратеници од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, беше номиниран пратеникот Јован Митрески од парламентарното мнозинство.
Предлогот Митрески да биде избран за нов претседател на Собранието беше поддржан од 64 пратеници од вкупно 104 кои гласаа. Против предлогот гласаа 40 пратеници, а воздржани немаше.
По ова, новоизбраниот спикер положи заклетва и седна на спикерското столче.
Тој кусо се заблагодари за поддршката, како и на Џафери за успешното менаџирање на Собранието заедно со генералниот секретар Цветанка Иванова.
Ковачевски и Џафери оставките ги поднесоа вчера како вовед во процесот за избор на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 8 мај.