Премиерот додаде дека очекува земјава позитивно да напредува во сите рангирања во однос на перцепцијата со корупција, исто, додаде тој, како што напредува со интеграцијата во Европската Унија. Сепак, Северна Македонија има полни раце работа во секоја област од општеството, додаде Ковачевски коментирајќи го извештајот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнал“
Коментирајќи го скокот за две позиции на Северна Македонија според Индексот на перцепција на корупција на „Транспаренси интернешнал“, премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција вели вели оти тоа се должи на општото издигнување на транспарентноста во државата.
Во таа насока, Ковачевски нагласува дека напредокот на земјава во перцепцијата на корупција се должи на стопроцентната транспарентност на Владата, но и, како што рече, вкупно 120-те случаи со коруптивна основа кои се работат во Министерството за внатрешни работи.
„На скалата на најновото истражува Северна Македонија има напредок во делот на мерењето, во делот на справувањето со корупцијата и во делот на транспарентноста. Тоа се должи на тоа што транспарентноста на државата е издигната на највисоко ниво и ако ги погледнете и другите мерења, Владата е 100 проценти транспарентна институција, потоа ако погледнете во Министерството за внатрешни работи се работат 120 случаи кои се со коруптивна основа во нив и тоа е практично причината за подобрувањето на државата во рангирањето“,
изјави премиерот коментирајќи го извештајот според Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренски интернешнал“.

Ковачевски додаде дека очекува земјава позитивно да напредува во сите рангирања во однос на перцепцијата со корупција, исто, додаде тој, како што напредува со интеграцијата во Европската Унија. Сепак, нагласи дека за да напредува, Северна Македонија има полни раце работа во секоја област од општеството.
„Ние веќе работиме на дигитализација на судскиот систем, односно интероперабилно поврзување на судовите со институциите со кои најмногу разменуваат информации. Исто така, унапредувањето на законодавството е пред нас со оглед на тоа дека скринингот во делот на владеењето на правото заврши и веќе за неколку месеци можеме да ги имаме извештаите на Европската Унија во делот на критериумите што ќе треба да ги исполниме. И самиот пат кон полноправно членство во ЕУ значи и подобрување на законската регулатива, спроведување на законската регулатива, унапредување на институциите и нивната ефикасност“,
нагласи Ковачевски.
За разлика од Ковачевски, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, коментирајќи го пласманот на Северна Македонија на Индексот на „Транспаренси“, велат дека земјава дели иста позиција со Суринам, Индија и Тунис. За рангирањето на земјава од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија премиерот Ковачевски и на неговиот коалициски партнер Ахмети, за кои, како што велат, криминалот и корупцијата станале заштитен знак.
Иако според опозициската ВМРО-ДПМНЕ земјава има најлош пласман во регионот, сепак, од државите од Западен Балкан подобар пласман од Северна Македонија има Црна Гора (45 поени и 65. место), додека Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово се со полош резултат.
Со напредок од еден поен во однос на 2021 година и скок за две позиции, Северна Македонија бележи благо придвижување во позитивна насока на ранг-листата според Глобалниот индекс за перцепција на корупција за 2022 година објавен од „Транспаренси интернешнал“.
За 2022 година земјава е рангирана на 85. место на листата од 180 земји, што е напредок за две позиции во однос на 2021 година кога Северна Македонија се најде на 87. место. Според Индексот на „Транспаренси“, земјава за минатата година има 40 од можни 100 поени на скалата на која 0 поени значи најлош, а 100 поени најдобар можен скор.
Споредено со 2020 година, кога земјава беше на 111. позиција од вкупно 180 земји на ранг-листата со само 35 поени, за две години се забележува напредок од четири поени и скок од 26 позиции во однос на перцепцијата на корупција.