Говорејќи во оваа насока, Ковачевски кажа оти во моментов државата има многу поважен процес од избори, а тоа е носењето на уставните измени. Но, како што рече, сè уште важи понудата за распишување на предвремени парламентарни избори истиот ден кога уставните измени ќе бидат изгласани во парламентот
Коментирајќи ја денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во која тој кажа дека кај премиерот проработел Фројд, Ковачевски рече дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска, туку од „гастроентерхепатолошка природа“
Барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за лидерска средба во врска со претстојните избори, премиерот Димитар Ковачевски го оцени како уште едно во низата барања за договарање на нешто што е регулирано со закон бидејќи, како што кажа, и парламентарните и претседателските избори ќе бидат во својот редовен термин, а нивното одржување е законски дефинирано.
Ковачевски ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по завршувањето на Самитот на Европската политичка заедница во Гранада, Шпанија.
„Кај нас точно е дефинирано кога ќе се одржат претседателски избори кога ќе се одржат парламентарни избори во нивните редовни термини“,
изјави Ковачевски.
Прашан како го коментира повикот на Мицкоски за лидерска средба, на која, според опозицискиот лидер треба да се разговара и за завршната верзија на Изборниот законик, премиерот кажа дека Законикот го изготвува работна група во која учествуваат претставници на сите политички партии освен од ВМРО-ДПМНЕ, што е по нивна волја.
„Во однос на набљудувачките мисии, Мицкоски исто така треба да знае, доколку не знае, дека штом ќе се распишат изборите било да се тие претседателски или парламентарни, тогаш се испраќа од МНР барање до ОБСЕ-ОДИХР да испрати долгорочна мисија којашто го набљудува целиот процес на подготовка на изборите, а со почетокот на изборната кампања и одржувањето на самите избори доаѓа набљудувачка теренска мисија којашто ги надгледува изборите и нивното одржување и потоа поднесува извештај. Така што, штом ќе бидат распишани изборите, тогаш ќе бидат спроведени и сите овие постапки“,
кажа премиерот.
Говорејќи во оваа насока, Ковачевски кажа оти во моментов државата има многу поважен процес од избори, а тоа е носењето на уставните измени. Но, како што рече, сè уште важи понудата за распишување на предвремени парламентарни избори истиот ден кога уставните измени ќе бидат изгласани во парламентот.
„Што значи дека и таа понуда сè уште важи дека можеме уште во понеделник да закажеме седница на Собранието на која ќе бидат изгласани уставните амандмани и истиот ден да се закажат предвремени парламентарни избори“,
посочи Ковачевски.
Коментирајќи ја денешната изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во која тој кажа дека кај премиерот проработел Фројд, Ковачевски рече дека проблемите на нашата држава се многу помалку од психотерапевтска, туку од „гастроентерхепатолошка природа“.
„Јас ја видов изјавата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Сакам да му одговорам на првиот дел од неговата изјава во која споменувше автори од делот на психотерапијата. Сметам дека проблемите на С Македонија се многу помалку од психотерапевска природа, односно тие се многу повеќе проблеми од гастроентеропатолошка природа со оглед на блокадите што ВМРО-ДПМНЕ ги прави во Собранието и во носењето на одлуките за интеграција на нашите граѓани и на нашата држава во ЕУ“,
рече Ковачевски.
Коментарот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, оти кај премиерот проработел Фројд, Христијан Мицкоски ја даде коментирајќи изјава на Коачевски оти нема разлика во политичките ставови меѓу актуелниот и поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, туку станува збор за мал и голем Груевски кој владее во опозициската партија.