За коментар за падот на владеењето на правото, нешто што го потенцираше и амбасадорот Јан Коп, Ковачевски упати да се прашаат тие што се задолжени за владеењето на правото
Никогаш не сум го запознал претседателот на Врховниот суд во капацитетот на својата дејност, бидејќи се одвоени извршната и судската власт. Доколку кој било бил под притисок од кого било, тоа треба да го каже со име и презиме. Ова го изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, како одговор на новинарско прашање за вчерашната порака на амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, која ја упатил на средбата со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, дека е неприфатливо несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд.
„Во ред е ставот на амбасадорот. Но, сметам дека ако има притисок, тој треба да се каже со име и презиме“,
рече Ковачевски.
За коментар за падот на владеењето на правото, нешто што го потенцира и амбасадорот Јан Коп, Ковачевски упати да се прашаат тие што се задолжени за владеењето на правото.
Јан Коп и досега не се воздржуваше од директно и остро обраќање, невообичаено за дипломатијата, на Ахмети му пренел дека постојаниот пад на владеењето на правото ја доведува во прашање посветеноста на Северна Македонија за членство во Европската Унија.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прашањето дали смета дека ваквата порака на Коп била директно насочена кон ДУИ, рече: „Веројатно ДУИ е еден од тие што најмногу зборуваат за борбата против корупција, се разбира дека и ќе се бара поддршка од страна на ДУИ“.
Претседателката на Врховниот суд на последниот работен ден од минатата година (29 декември 2023 г.) седна во Судскиот совет, но не како негов член по функција, туку како претседател на највисокиот суд во државата за кој има иницијатива за разрешување.
На јавната расправа на Комисијата на известители на Судскиот совет за утврдување одговорност на претседателката Адеми, таа и подносителот на иницијативата, Миљзим Мустафа, ги соочија аргументите.
Иницијативата на Мустафа се темели на два моменти – прво, неприсуството на Адеми на седниците на Советот во периодот од крајот на мај до почетокот на ноември минатата година, што според иницијаторот е нејзина обврска како член на Судскиот совет по функција. Вториот момент што го истакна тој на јавната расправа, а за кој бара утврдување одговорност, е интервјуто на претседателката на Врховен за порталот „Сакам да кажам“, во кое таа изјави дека има притисоци врз врховните судии во врска со барање за одлучување за аболициите на поранешниот претседател на државата, Ѓорге Иванов.
Бранителката на Адеми, адвокатката Зефиќ-Јакимовска потенцира дека Судскиот совет мора да има предвид дека Адеми е менаџер и раководи со највисокиот суд и оти не можат да се согласат со констатацијата со неприсуството на седницата претседателката на Врховен и понатаму не остварувала континуирана соработка со Советот.
Во однос на втората основа за иницирање на постапката, интервјуто на Адеми за порталот „СДК.мк“, одбраната на претседателката на Врховниот суд рече оти за нив таа е попроблематична бидејќи со неа се врши повреда на слободата на изразување.