Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, на манифестацијата „ Тиквешки гроздобер 2022“ изјави дека како Влада се среќни што годинава е постигнат договор со кој за 30% се зголемени откупните цени на грозјето. Вели, цените биле потврдени и на состанокот кој го оствариле со винариите и лозаропроизводителите, а оваа година зголемена била и откупната цена на смедеревката и вранецот за 13, односно 19 отсто.
„Државата во услови на најголема светска криза издвои дополнителни два денари за секој килограм предадено грозје и дополнително за секој литар извезено грозје уште 2 денари, односно од 2 до 4 денари во просек 3 денари, зависно од амбалажата во која што се извезува. Исто така поддршка на винариите што е исто така директно поддршка и на лозаропроизводителите“,
вели Ковачевски.
Договорот со винариите и со лозаропроизводителите, според него, овозможил успех од почеток на бербата и посака, плодот на сите производители да биде од високо ниво, додека пак на винариите им посака успех во пласманот на виното надвор од државата.
„Северна Македонија еден од најголемите извозници во светски рамки на вино покрај тоа што сме еден од најголемите извозници во европски рамки и квалитетот на виното секоја година е на повисоко ниво. Веќе за 2/3 е зголемен извозот на флаширано вино во однос на наливно вино што беше случај во минатото и тоа само потврдува дека политиките кои што Владата ги спроведува во изминатите 5 години се на бенефит на винариите и на лозаропроизводителите и секако на државата, бидејќи извозот на вино од државата надмина веќе 61 милион евра во текот на изминатата година што е за 19% повеќе од 2020 година“,
кажа Ковачевски.
На новинарското прашање поврзано со проблемите за откупот на црното грозје, премиерот одговори:
„Сите отворени прашања и нормално сите предизвици кои се јавуваат како и во секој откуп веќе ги има нотирано Министерството за земјоделие на самиот состанок кој што го имавме со сите, Министерот за земјоделие јасно кажа дека инспекторатот е на располагање на сите лозаропроизводители за да интервенираат во секој случај кој што ќе се појави, во кој што ќе има различно толкување на информациите кои што ги имаат и откупувачите и продавачите на грозје“,
изјави Ковачевски.
