„Сакам да ѝ порачам на албанската заедница. Ова е и ваша земја. Никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но, вие имате и одговорност. Ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Прво граѓаните нема да го дозволат тоа. Никој здраворазумен нема да го дозволи тоа“, рече лидерот на СДСМ
Но, рече дека сака да му порача и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, „внимателно по патот кој сте го фатиле“
Овие денови, а посебно вчера, растат тензиите за изборите. И има причина за тоа. Овие избори се клучни за нашата однина. Овие избори се глас за или против нашата европска иднина. Овие избори не се бисквити и гурабии и мене тоа воопшто не ми е смешно. Кога ќе слушнам заканувачки тонови, веднаш ме потсетува на она што се случи пред 20 и кусур години по планините околу нас.
Ова денеска на својот митинг во Велес го изјави лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, и носител во Изборната единица 1, осврнувајќи се на заострената реторика меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кои вчеравечер и денеска си разменија пораки еден на друг.

„Сакам да ѝ порачам на албанската заедница. Ова е и ваша земја. Никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но, вие имате и одговорност. Ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Прво граѓаните нема да го дозволат тоа. Никој здраворазумен нема да го дозволи тоа“,
рече Ковачевски.
Но, рече дека сака да му порача и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, „внимателно по патот кој сте го фатиле“.
„И тој има последици. Секоја блокада на европскиот пат не е само стагнација. Тоа е и враќање назад. Ние не сакаме враќање назад во 2001 година или којзнае каде. Нашето меѓунационално единство е сè уште кревко и не може да си дозволиме кој било да си игра со него“,
вели тој. J
Потоа, упати и порака до сите граѓани, како што рече, дека СДСМ отсекогаш била партија која покажувала лидерство и одговорност.
„Само СДСМ може да го предводи обединувањето на граѓаните и државата за една заедничка идеја, зад идејата за европска иднина. Само СДСМ ја има таа моќ и може да ги поврзе сите луѓе без разлика на нивната припадност во државата. Само СДСМ го има клучот за безбедна и одговорна иднина за граѓаните“,
рече лидерот на СДСМ.
Претходно, од митингот во Демир Хисар, актуелниот претседател и претседателски кандидат за втор мандат Стево Пендаровски упати апел до ДУИ и до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да се воздржат од засилување на реториката, како што рече, на меѓунационална основа.
„Немојте да ги креваме тензиите со муабети и со чаталење кој од кого е поголем патриот. Оставете ги тие работи што било 2001 година. Тоа го гледавме, за жал имавме и жртви. Затоа, уште еднаш апелирам да ја оставиме таа тема настрана. Не ни требаат тие теми. Овде сме сите во заедничка куќа, да живееме како една сложна фамилија и заеднички да си решиме проблемите. Во таа 2001 година немаше победник. Сите бевме губитници, а Македонија најголем“,
рече Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска преку објава на Фејсбук одговори на пораките кои до него синоќа ги упати претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Заканите, вели Мицкоски, не го заплашуваат и доаѓаат од човек пред политичка пензија, „малку и заборавен, но со добро грло кое го вежба пеејќи по државни институции и партиски прослави“.
„Важен му бил на Али мојот оброк од детството, хммм… чудно, па се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк, Али, во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат ‘Соравија’ или, пак, како го спечали тој дворец во Зајас кој е како на некој блискоисточен шеик, а не на политичар од сиромашната Македонија“,
рече Мицкоски.
Ахмети, како последен говорник на централниот митинг на ДУИ и на коалицијата „Европски фронт“ од кампањата на нивниот кандидат за претседател на државата, Бујар Османи, обраќајќи се до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вчеравечер му порача да не започнува беља и да го избира секој збор.
„Јас патував малку подолго и едвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку збора на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорена од освојувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад и устата млеко ти вади“,
рече Ахмети.