Премиерот вели дека тој и бугарскиот колега се задоволни од досегашниот напредок и дека потпишаните договори и меморандуми досега ги оценуваат како сериозен напредок во дијалогот помеѓу Софија и Скопје

Премиерот Димитар Ковачевски за време на неговиот престој во Софија разговарал со бугарскиот колега Кирил Петков, по што порача дека има оптимизам во дијалогот помеѓу двете држави.
Тој оптимизам, според Ковачевски, доаѓа од динамиката со која комуницираат работните групи.
„Со бугарскиот премиер Кирил Петков уште еднаш го потврдивме заедничкиот, координиран пристап во менаџирањето на ризиците од војната во Украина. Задоволни сме со резултатите од работните групи договорени на заедничката седница на двете влади во Софија. Новата динамика во комуникацијата на работните групи дава оптимизам. Заедно оценивме дека досега потпишаните договори и меморандуми за соработка укажуваат на сериозен напредок во дијалогот на нашите земји. Продолжуваме и понатаму да ги исполниме сите одредници кои ги поставивме двете држави за унапредување на меѓусебните односи“,
порача Ковачевски.
Премиерот отпатува во Софија на покана на Петков со цел да се одржи состанок на премиерот на НАТО-земјите од Југоисточна Европа во врска со кризата и предизвиците по руската инвазија на Украина. На средбата присуствуваа и шефовите на владите на Романија – Николае Чука и на Црна Гора – Здравко Кривокапиќ.
Четворицата одржаа и заедничката прес-конференција на која Ковачевски го спомена блокираниот процес на проширување со ЕУ велејќи дека тоа создава дополнителна нестабилност во регионот.
„Северна Македонија соодветно се усогласи со надворешната и безбедноста политика на ЕУ затоа што ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и со земјите од НАТО. Потенцирав дека проширувањето на ЕУ во суштина станува безбедносна политика и дека застојот во овој процес создава дополнителна нестабилност за регионот затоа што има неколку негативни тенденции, создава простор за влијание од трети страни. Одложувањето на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ. Сепак, дури и со вакви предизвици Република Северна Македонија останува силно посветена на одржување на добрососедски односи и промовирање соработка меѓу земјите од нашиот регион“,
рече Ковачевски на прес-конференцијата.
Петков, пак, порача дека се надева дека следните недели ќе се забрзаат преговорите помеѓу двете држави, како и дека се согласува оти стабилноста на регионот зависи и од пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.
„Северна Македонија припаѓа во семејството на ЕУ, и тоа што е можно побргу. Секако, како што сите знаеме, имаме одредници кои треба да ги постигнеме, како што е заштитата на правата на малцинствата. Во блиска координација сме со ЕУ-партнерите, кои често се трета страна во овие преговори. Се надевам дека наскоро ќе го постигнеме тоа. Историски нашиот однос значително се подобри во изминатите три месеци, многу зборуваме и се координираме и имаме една заедничка цел. Го поддржувам фактот дека со оваа криза Западен Балкан треба да биде стабилен, а дел од таа стабилност е пристапувањето на Северна Македонија и Албанија во ЕУ. Се надевам дека во следните неколку недели ќе ги забрзаме преговорите“,
кажа Петков.