Најавувајќи го денешниот настан, Мицотакис рече дека станува збор за многу важен инфраструктурен проект кој во комбинација со други иницијативи за помалку од 20 месеци ќе даде можност целосно да се диверзифицираат изворите за снабдување со природен гас
Премиерот Димитар Ковачевски, заедно со своите колеги од Грција и Бугарија, Киријакос Мицотакис и Кирил Петков, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, како и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска во грчкиот град Александруполи ќе присуствува на свечена церемонија по повод започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас (LNG), јави дописничката на МИА од Атина.
На церемонијата обраќања ќе имаат сите петмина, а потоа, како што најавија од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер ќе приреди ручек за странските лидери.
Во составот на владината делегација предводена од премиерот Ковачевски ќе бидат и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши.
Мицотакис во петокот за време на владината седница ја најави посетата и ја истакна важноста на конкретниот терминал, за кој рече дека ќе помогне во диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, не само за Грција туку и за регионот.
„Во вторник заедно со други лидери од Балканот ќе бидам во Александруполи на новиот терминал за складирање и гасификација на течен природен гас, многу важен инфраструктурен проект кој во комбинација со други иницијативи за помалку од 20 месеци ќе ни даде можност целосно да ги диверзифицираме нашите извори за снабдување со природен гас, не само на нашата земја, туку и на целиот Балкански Полуостров“,
рече Мицотакис.
Мишел во Александруполи ќе допатува на покана на балканските лидери, а овој проект за ЕУ, велат, е од клучна важност во момент кога главна цел е независност од рускиот гас. Како што рекоа од кабинетот на Мишел, тој ќе понуди нови извори и рути за набавка на природен гас и ќе ја зголеми безбедноста на набавката во Грција, Бугарија и другите земји во регионот.