Премиерот смета дека исходот од денешното гласање во Собранието, со кое пратениците не поддржаа усвојување на предлог-законот за амнестија по скратена постапка, не треба да влијае на односите во коалицијата со Алијанса за Албанците – партија од чии редови доаѓа министерот за правда и предлагач на законот, Кренар Лога
Пратениците во Собранието имаат суверено право да гласаат во свое име, во име на граѓаните во однос на законските решенија кои се нудат, така што, запазена е целата процедура, вели премиерот Димитар Ковачевски прашан дали има криза во коалицијата откако пратениците во Собранието денеска не ја поддржаа потребата за усвојување на предлог-законот за амнестија по скратена постапка.

Ковачевски смета дека исходот од денешното гласање во Собранието не треба да влијае на односите во коалицијата со Алијанса за Албанците – партија од чии редови доаѓа министерот за правда и предлагач на законот за амнестија, Кренар Лога. Вели дека секој можел да го искористи своето демократско право и да ги искаже своите аргументи, а оние кои го имаат правото на глас да го искористат за гласање во парламентот.
„Владата донесе одлука да му се даде можност на министерот за правда да го образложи предложениот закон пред пратениците што беше направено во текот на денешниот ден, меѓутоа пратениците во Собранието имаат суверено право да гласаат во свое име, во име на граѓаните во однос на законските решенија коишто се нудат“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања.
Различни ставови по однос на ефектите од овој закон, дополни премиерот, постоеја уште од кога беше предложен. Инценцијата на законот, како што рече, беше да се растеретат затворите со оглед на нивната комплетна пополнетост, а ставот на министерот за правда беше дека тоа може да се направи со закон за амнестија.
„Меѓутоа од друга страна постоеја и аргументи кои го велеа спротивното, а тоа е дека претходниот закон не ги дал посакуваните ефекти со оглед на тоа дека најолемиот дел од оние кои биле амнестирани веднаш потоа биле осудени за исти кривични дела и повторно биле вратени во затворите. И второ – што на издржување на казна чекаат над 2 000 нови осуденици што практично нема да доведе до растеретување на затворите и дополнително беа наведени како опции условен отпуст, пробацијата и мерки коишто може да се користат со цел растеретување на затворите од преголемиот број на затвореници“,
додаде премиерот.
Изјавата на Ковачевски следува откако мнозинството пратеници во Собранието денеска не дaдоа зелено светло за предлогот на Владата за донесување на законот за амнестија по скратена постапка. „Против“ потребата од донесување на законот по скратена постапка гласаа 66 пратеници, 15 беа „за“, а тројца гласаа „воздржано“.
По ваквиот исход од гласањето, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, праша дали има некакво недоразбирање помеѓу пратениците и раководството на СДСМ, со оглед на тоа што, како што рече, предлог-законот поминал на владина седница, а сега пратениците на СДСМ велат дека нема да го гласаат.