Прашан дали евроизборите, кои треба да се одржат во 2024 година, би биле отежнувачки фактор доколку земјава во меѓувреме ги усвои уставните измени, премиерот вели дека единствен отежнувачки фактор поради кој досега не е одржана втората меѓувладина конференција со ЕУ е антиевропската, анти НАТО и проруска коалиција во земјава
Секое очекување за промени на Преговарачката рамка во однос на процесот на проширување е само себезалажување и залажување на граѓаните кое на крај нема да има никаква корист за никого, порача премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Брисел по вчерашниот Самит ЕУ-Западен Балкан.

Прашан дали синоќешната изјава на шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел, оти проширувањето на ЕУ е базирано на заслуги, но дека предвид мора да се има и комплексната состојба во Европа, треба да значи дека би можело да се очекува некаква отстапка за С Македонија, Ковачевски одговори:
„Tоа е изјава којашто претседателот на Европскиот совет не ја кажува првпат, туку ја има кажано неколку пати. Комплексноста е од аспект на тоа што ЕУ започна процес на своја внатрешна подготовка за прием на нови членки и тие својата цел за тоа ја поставија до 2030 година. исто како што ние имаме цел до 2030 година со оглед на реформите коишто треба да се донесат. Меѓутоа секое очекување за промени во однос на Преговарачката рамка е само себезалажување и залажување на граѓаните кое нема да има корист за никого.“
Прашан дали евроизборите, кои треба да се одржат во 2024 година, би биле отежнувачки фактор доколку земјава во меѓувреме ги усвои уставните измени, Ковачевски вели дека единствен отежнувачки фактор поради кој досега не е одржана втората меѓувладина конференција со ЕУ е антиевропската, анти НАТО и проруска коалиција во земјава.
Условот за одржување на втората меѓувладина конференција, додаде Ковачевски, е спроведување на уставните амандмани кои, како што оцени, се од техничка природа бидејќи во однос на нив нема никакви забелешки.
„Секако дека овој прозорец на можности што го имаме до изборите во Северна Македонија и во ЕУ не треба да се пропушти“,
додаде премиерот на прес-конференцијата во Брисел.
Осврнувајќи се на синоќешниот самит во Брисел, Ковачевски оцени дека тој можел да изгледа многу поинаку.
„Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти ЕУ, анти НАТО и проруската коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство“,
изјави Ковачевски.
Сепак, според него, на вчерашниот Самит во Брисел имало позитивни дискусии на кои била истакната поддршката од европските лидери на патот на земјава кон ЕУ. Оцени дека Самитот бил одлична можност за на највисоко ниво да се говори за заедничката европска иднина на шесте земји од Западен Балкан.