Ковачевски се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години независна Македонија да поддржи одлука со која државата ќе се интегрира, по она во НАТО, и во ЕУ
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека претседателот Христијан Мицкоски до средбата ќе изврши широки консултации со пратеничката група, партиите дел од коалицијата и Извршниот комитет на партијата. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор

Премиерот Димитар Ковачевски потврди дека во среда во 11 часот ќе има тет-а-тет средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а за форматот во кој ќе биде средбата вели дека го избрале од опозицијата.
„Прво поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ, на која јасно стои да си изберат во кој формат сакаат да биде средбата, дали да биде еден плус нула, еден плус еден, еден плус два, зависно од тоа дали имаат доверба меѓу себе, па смеат да зборуваат еден пред друг или сакаат да одат сами на средба. Јас оставив да избере раководството на ВМРО-ДПМНЕ и тие го избраа форматот“,
рече денеска Ковачевски во одговор на новинарско прашање по извршениот увид на работите на патот Демир Капија-Неготино.
На средбата, според Ковачевски, ќе се разговара за две теми.
„Едната тема е носењето одлуки за европска интеграција на државата и втората е активностите на сите политички чинители во државата во однос на односите со соседите. Тоа се две исклучително значајни теми од кои зависи интеграцијата на државата и што побрзото зачленување во ЕУ“,
рече Ковачевски.
За обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ го крои форматот за средбата, Ковачевски рече дека не можат да тврдат нешто што е фикција бидејќи, како што рече, тие цело време се занимаваат со фикции.
Ковачевски се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе успее да се надмине себеси и барем еднаш во овие 32 години независна Македонија да поддржи одлука со која државата ќе се интегрира, по она во НАТО, и во ЕУ.
„Така да заклучоците се многу едноставни. Имаме на една страна интеграција во ЕУ, а на друга страна изолација. Тоа што го сакаат сите граѓани се надевам ќе го изберат и сите политичари, а тоа е интеграција на државата во ЕУ“,
рече Ковачевски.
Премиерот очекува на средбата да се разговара отворено за сите аспекти на овие две теми и се надева дека ќе дојдат до заеднички јазик на кој начин ќе се продолжи кон интеграцијата.
На прашањето дали на средбата ќе се зборува за предвремени избори, Ковачевски рече дека изборите ќе се одржат во редовните термини, прво претседателските, па потоа редовните парламентарни избори.
Во однос на уставните измени, Ковачевски вели дека постапката е јасна.
„Иницијативата од работната група е доставена до Министерството за правда, тие ќе ја проследат до Владата, таму ќе се разгледа. Па ќе се достави до Собранието, каде се отвора процедура за уставни прашања, па пленарна седница. Се надевам дека сите пратеници ќе бидат на ниво на задачата да ги застапуваат интересите на граѓаните, а тоа е интеграција во ЕУ и кога сега постои отворен прозорец за влез во ЕУ тоа треба да се искористи“,
додаде Ковачевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска со соопштение потврдија дека в среда ќе се одржи најавената средба на премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. И од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека средбата ќе биде тет-а-тет.
„До средбата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ќе изврши широки консултации со пратеничката група, партиите дел од коалицијата и Извршниот комитет на партијата. Ставот на партијата е дека уставни измени нема да има, и ова Собрание нема легитимитет за таков чекор“,
истакнуваат од опозициската партија.
Очекуваме, како што наведуваат од партијата, Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство.
Од Владата денеска соопштија дека премиерот Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, в среда во 11 часот во Клубот на пратеници ќе ја одржат најавената средба.
Од Владата соопштија дека на средбата ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.