Само за 10 месеци од оваа година РЕК „Осломеј“ има произведено околу 227 гигават-часа, што е во споредба со изминатите 10 години значително зголемување и најголем резултат што е постигнат, вели директорот на ЕСМ
Вработените да бидат спокојни, сè уште ќе се произведува енергија во РЕК „Осломеј“ и тоа е еден од капацитетите кои помагаат ЕСМ и Владата да се справат со енергетската криза
Оваа година РЕК „Осломеј“ бележи најголем пораст на производството на електрична енергија. Само за 10 месеци од оваа година има произведено околу 227 гигават-часа што е во споредба со изминатите 10 години значително зголемување и најголем резултат што е постигнат. За споредба во 2015 РЕК „Осломеј“ произвел 81 гигават-час електрична енергија, во 2016 година само 28 и следните години од 2018 до 2021 има тенденција на пораст. Ова го истакна директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски при неговата денешна посета на РЕК „Осломеј“ заедно со министерот за економија Крешник Бектеши.
Што се однесува до производството во изминатите години и оваа последна 2022 година, Ковачевски рече дека за производство на еден мегават-час електрична енергија има најмала потрошувачка на производен мегават-час јаглен, а значајно е да се потенцира дека потрошувачката е намалена за повеќе од три пати. Денеска трошиме околу 33 грама на мегават-час, а во 2018 година таа била 118 грама на мегават-час, нагласи Ковачевски.
За цената на мегават-час произведена електрична енергија, Ковачевски рече дека во 2021 годишното производство цената изнесувала 173 евра за мегават-час, за разлика од 2016 година кога била 661 евра.
„Во 2022 со зголеменото производство на електрична енергија се планира оваа цена да биде под 200 евра за мегават-час“,
додаде директорот.
Тој објасни дека на локалитетот Гуштерица, во РЕК „Осломеј“, се вршат детални геолошки истражувања за санација на свлечишта.
„Со овој ископ на земја што се прави од оваа локација се санираат свлечиштата на околните места. Дополнително се врши откривка и ќе се извади уште 150 илјади тони јаглен што ќе се искористи за оваа грејна сезона и ќе помогне за продолжено функционирање на РЕК ‘Осломеј’. Произведената цена на овој јаглен ќе биде околу 36 евра по тон што е два до три пати пониска од цената на јагленот што се носи во РЕК ‘Осломеј’ или од таа што се движи на берзите“,
потенцираше Ковачевски.
Според него вкупните количини на јаглен што се наоѓаат на овој локалитет се околу 2 милиони тони што значи дека во наредните 2-3 години РЕК „Осломеј“ ќе може континуирано да се снабдува со сопствен јаглен, а со тоа зголемено ќе има производство на електрична енергија и намалена цена на произведен мегават-час од РЕК „Осломеј“.
Со ова, како што рече Ковачевски, се демантираат сите лаги што се изнесуваат во јавноста дека сега РЕК „Осломеј“ ќе се затвори.
„ЕСМ прави социјална транзиција и транзиција која во следниот период ќе значи производство на електрична енергија од обновливи енергии за сметка на производството од јаглен, но тоа ќе биде во наредните години. Вработените да бидат спокојни, се уште ќе се произведува енергија во РЕК ‘Осломеј’ и тоа е еден од капацитетите кои помагаат ЕСМ и Владата да се справат со енергетската криза“,
додаде тој.