Се восхитуваме на храброста со која Украинците ги бранат слободата и сувереноста на државата, му рекол Ковачевски на Шмигаљ
Премиерот Димитар Ковачевски вчера разговарал со украинскиот колега Денис Шмигаљ, кому му порачал дека државата е подготвена да прифати граѓани на Украина доколку побараат времено засолниште поради руската агресија во нивната земја.
„Му пренесов дека сочувствуваме со Украина и истовремено се восхитуваме на храброста со која Украинците ја бранат својата слобода и сувереноста на државата. На колегата Шмигаљ му порачав дека Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО, и е во постојана координација за поддршката на Украина. Подготвени сме да ги прифатиме граѓаните на Украина доколку побараат времено засолниште во нашата земја и остануваме во контакт за сите идни активности за поддршка и помош. Премиерот Шмигаљ се заблагодари во име на граѓаните на Украина за досегашната поддршка и помош“,
вели Ковачевски.
Телефонскиот разговор помеѓу двата премиера се случил вчера доцна попладне.
Поради руската агресија, Ковачевски денеска ќе патува во Софија на средба со лидерите на земјите-членки на НАТО од Југоисточна Европа. Покрај домаќинот, бугарскиот премиер Кирил Петков, на средбата ќе учествуваат и премиерите на Романија – Николае Чука и Црна Гора – Здравко Кривокапиќ.