Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски и претставници на германската компанија „Некст и-гоу мобајл“ денеска во Тетово потпишаа договор за нова инвестиција, која предвидува целосно производство на електрични автомобили „и-гоу“.
На настанот во Тетово премиерот Димитар Ковачевски рече дека со оваа инвестиција, со која во првата фаза ќе се вложат 130 милиони евра, ќе се отворат најмалку 890 нови добро платени работни места.
„Денес ќе се постават темелите на инвестицијата која само во првата фаза тежи 130 милиони евра и ќе отвори најмалку 890 нови добро платени работни места. Оваа инвестиција е од огромно значење за државната, но и за локалната економија и развојот на човечкиот потенцијал“,
рече во своето обраќање Ковачевски по повод потпишување на договор во ТИРЗ Тетово.
Со оваа значајна инвестиција, како што нагласи премиерот, Северна Македонија уште еднаш потврдува дека е држава која нуди одлични услови за инвеститорите, со стабилна економска и политичка клима во која меѓународните компании како „Некст и-гоу мобајл“ имаат партнер од доверба.

„Она што особено ме радува е дека по првпат кај нас ќе биде произведен целосен автомобил. Во Северна Македонија и досега се произведуваа делови за автомобили од светските брендови, но сега имаме целосно производство на финален производ токму кај нас. И ова е навистина голема работа“,
рече Ковачевски.
Тој напомена дека ваквите инвестиции, вакви фабрики, ќе го сменат образованието во државата, бидејќи ќе направат нови потреби кои ќе бидат неопходни.
„Електричниот автомобил ‘и-гоу’ кој ќе се произведува овде во ТИРЗ во Тетово е корисен за урбани средини, истовремено одржлив, иновативен, економичен и без штетни емисии на гасови. Ова меѓу другото е нашиот влог за идните генерации. Фабриката која ќе се гради овде во ТИРЗ зоната во Тетово, е составен дел од глобалниот производствен капацитет на ‘и-гоу’, наменет да го снабдува и националниот и меѓународниот извозен пазар“,
рече Ковачевски.
Според премиерот, ваквите инвестиции се доказ дека како влада успешно ги користат сите потребни механизми кои ги даваат очекуваните резултати овозможувајќи услови за понатамошен побрз и одржлив економски раст и развој.

„Нашиот пристап во привлекувањето инвестиции е изменет и сега е насочен кон инвестиции и инвеститори што носат поголема додадена вредност. Таков пример е и оваа инвестиција денес, и такви примери се и ветерните паркови и соларните централи односно обновливите извори на енергија, кои дел веќе се финализирани, а дел се во фаза на подготовка односно имплементација“,
додаде Ковачевски.
Тој упати честитка до семејството Дестани, и на компанијата „e.GO“ од Германија, на целиот менаџерски тим и посака што побрзо и поуспешно да ги завршат градежните работи за производство на фабриката, и првите автомобили веќе да може да ги возиме и кај нас и на странските автопатишта во предвидените рокови коишто ги имаат зададено.
Покрај премиерот, свое обраќање денеска по повод започнување на нова инвестиција во ТИРЗ Тетово имаа и министерот за финансии и економија Фатмир Бесими и Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Јован Деспотовски. Исто така, присутни беа и останатите вицепремиери и министри на Владата.