Премиерот Ковачевски посочи оти Владата будно ги следи состојбите на домашниот и на светските пазари, а оти во моментов со надлежните министерства се прават анализи за тоа кои од антикризните мерки ќе продолжат, а кои нема да продолжат по 31 мај, до кога и траат
Во однос на предлозите од економистите, премиерот објасни оти некои од предлозите на експертите се прифатливи, додека други не само што не се прифатливи туку, како што рече, се и неодржливи, но е убеден дека сите мерки што досега беа донесени беа успешни
Во моментов правиме анализи и во Министерството за финансии и во Министерството за економија кои мерки ќе продолжат, кои мерки нема да продолжат, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со тоа дали антикризните мерки кои ги донесе Владата за справување со кризата, а кои траат до 31 мај ќе продолжат и натаму.
Кога се зборува за мерки, додаде Ковачевски, тие секогаш имаат две страни. Едната страна, како што посочи премиерот, е насочена кон заштита на животниот стандард на граѓаните, а втората е задржување на ликвидноста на компаниите.
„Владата будно ги следи сите состојби на домашниот и особено на светските пазари бидејќи она што го имаме во моментот е инфлација што е увезена и која е предизвикана исклучиво од порастот на цените на енергенсите и на цените на основните прехранбени производи и цените на суровините на светските берзи. Затоа имаме зголемување и на цените во земјава, како и инфлација што кај нас е на ниво на инфлацијата во САД и најголемиот дел од европските држави“,
рече Ковачевски.
Во однос на предлозите од економистите, премиерот објасни оти некои од предлозите на експертите се прифатливи, додека други не само што не се прифатливи туку, како што рече, се и неодржливи.
„Некои од предлозите се не само неприфатливи туку и неодржливи, како на пример, замрзнување на цените како што предлагаат некои економисти кои се од наше, македонско потекло, меѓутоа кои во моментов работат во странство. Тој пристап може да се примени во одредени држави само таму каде што целиот синџир на набавки се наоѓа во државата“,
додаде Ковачевски.
Но, кога се работи за мала држава како нашата, појасни премиерот, отворената економија каде што најголемиот дел од суровините од кои се произведуваат финални производи се увезени, а чија цена зависи од цената на светските берзи, тогаш ваквата мерка може да доведе до сериозни ликвидносни проблеми на компаниите и до недостатоци на пазарот.
Ковачевски е убеден дека сите мерки кои досега беа донесени обезбедија најниски цени на енергенсите и на прехранбените производи во однос на оние во регионот, како и дека обезбедија заштита на животниот стандард на најранливите категории граѓани.
Меѓутоа, во своето обраќање премиерот посочи и дека нè чека, како што рече, најтешката зима по Втората светска војна, а истакна дека во моментов Владата прави сé за да обезбеди непречено снабдување со електрична енергија и да ги обезбеди сите суровини за производство на електрична енергија. Тоа, како што посочи, го прават и сите држави од соседството што значи дека едно такво масовно купување суровини за производство на електрична енергија сигурно ќе влијае на раст на цените
Според премиерот, каква ќе биде зимата ќе зависи многу и од развојот на настаните во Украина.
„Ако продолжат воените дејства, тогаш веројатно негативните ефекти од таа војна ќе бидат уште посилни и за Европа и за нашиот регион во целост. Ова ќе биде најтешка зима за нашата генерација, меѓутоа и за генерациите постари од нас“,
дополни Ковачевски.
Тој повтори дека со ребалансот се обезбедуваат средства што треба да бидат тампон-зона за дополнителни мерки за заштита на најранливите категории граѓани.