„Клучната одлука е продолжување на европските интеграции и зачленување на земјата во ЕУ. Од тоа зависи иднината на државата. СДСМ 32 години докажал дека без нас не постои европска интеграција на државата. Ние не се откажуваме од иднината“, вели претседателот на СДСМ
Пратеничките листи се креирани и се одобрени на конгресот на СДСМ. Тие беа едногласно потврдени на највисоките тела на партијата и добија 99,98 отсто поддршка на Конгресот на партијата. Ова денеска го изјави претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, посочувајќи дека вчера е потпишан коалициски договор со, како што рече, сите стожерни партии со кои СДСМ соработува, но додаде и дека се разговара и со некои други организации со кои би потпишале меморандуми за соработка на изборите.
„Знам дека и најголемиот дел од коалициските партнери веќе ги одобрија на своите партиски тела. Има уште некои организации со кои разговаравме за потпишување на меморандуми за соработка или за декларации кои се базираат исклучиво на вредности, а тоа е интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, зацврстување на улогата на Северна Македонија како значаен член на НАТО и, секако, унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата и унапредувањето на економскиот развој. Тоа се основите врз основа на кои се разговара за соработка“,
вели Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање, Ковачевски вели дека немало несогласувања за пратеничките листи во СДСМ, туку, како што рече, сите работат заедно за победа на изборите.
За најавите на ВМРО-ДПМНЕ во програмата за парламент со 90 пратеници и реорганизација на владата, за укинување на балансерот, Ковачевски вели дека сега сите политички партии ќе имаат свои понуди во однос на гласачите.
„Ако зборуваме за уставни измени, ако некој поднел иницијатива за уставни измени, тогаш тоа сум јас. Веќе имаме во Собранието иницијатива за уставни измени и која е една од одлуките која треба да ја донесеме за продолжување на патот кон полноправно членство во Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Според него, сега нема бегање од клучната тема, а тоа, како што вели е зачленувањето во Европската Унија.
„Клучната одлука е продолжување на европските интеграции и зачленување на земјата во ЕУ. Од тоа зависи иднината на државата. СДСМ 32 години докажал дека без нас не постои европска интеграција на државата. Ние не се откажуваме од иднината“,
рече претседателот на СДСМ.
На прашање дали Ковачевски е подготвен да разговара за укинување на балансерот, тој вели дека е воведен од влада на ВМРО-ДПМНЕ, а дека произлегува од Охридскиот рамковен договор.
„Со текот на времето балансерот почна да се злоупотребува. Почнаа да го злоупотребуваат сите. Едно лице за да се вработи, од сабајле е Македонец, попладне ќе биде Србин, вечер ќе стане Турчин. Тоа е злоупотреба на идеја за рамноправна застапеност на различните етничките заедници кои живеат во државата согласно принципите на Рамковниот договор. Од таа причина, мора да воведеме механизми, да најдеме решение како највредните, како оние кои имаат највисоките критериуми ќе ги заземат работните места преку кои ќе дадат најдобри услуги за граѓаните“,
рече Ковачевски.