Иако не зборуваме сите на ист јазик, нашата историја, нашите корени се испреплетени и заемно поврзани. Сите сме различни, но во исто време исти, кои делиме исти предизвици. А исти сме во определбата да градиме едно општество за сите, една држава за сите, каде слободно ќе се твори, пишува, живее, секој на својот мајчин јазик, но со должна почит кон другиот до него, рече Ковачевски
Со почитување на различните јазици, потврдуваме дека сме функционално мултиетничко општество, пример во регионот и во Европа, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешната Свечена академија по повод 115-годишнината од стандардизацијата на албанската азбука.
„Денес е голем ден за нашите сограѓани Албанци и голем ден за нашата заедничка историја. Особена чест и задоволство за мене претставува да се обратам на денешната Свечена академија. На овој ден, во 1908 година во градот на конзулите, Битола, се одржа познатиот Битолски конгрес, на кој се поставија темелите на албанската писменост. На Конгресот, на кој учествуваа голем број истакнати припадници на албанскиот народ од целиот свет, се заокружи процесот на создавање на единствено, стандардизирано албанско писмо на кое денес се пишува и твори. Единствената жена на конгресот, Парашќеви Ќиријази, подоцна во 1909 година ќе напише и буквар на албанската азбука. Со завршувањето на Битолскиот конгрес, започнува користењето на стандардизираната албанска азбука, а започнува со работа и првата печатница која ќе ги печати првите дела со албанска азбука, меѓу кои буквари, читанки и неделници. Со унифицирањето и стандардизацијата на албанската азбука, се отвори патот албанското писмо да стане дел и од богата ризница на светското културно наследство“,
рече Ковачевски.
Ковачевски нагласи дека на ова тло, со векови се негувале и се негуваат разни јазици, вери и култури. Тој потенцира дека една од најважните препознатливи карактеристики на Република Северна Македонија е нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер.
„Иако не зборуваме сите на ист јазик, нашата историја, нашите корени се испреплетени и заемно поврзани. Сите сме различни, но во исто време исти, кои делиме исти предизвици. А исти сме во определбата да градиме едно општество за сите, една држава за сите, каде слободно ќе се твори, пишува, живее, секој на својот мајчин јазик, но со должна почит кон другиот до него. Продолжуваме да градиме држава каде мајчиниот јазик се негува во училиштата, општините, болниците. Создаваме простор за уште поголемо зацврстување и валоризација на етничките вредности, даваме простор на соживотот, а не на предрасудите“,
рече претседателот на Владата.
Според него, почитувањето на различностите е предуслов за градење демократска држава, базирана на цивилизациски вредности.
„И, затоа, презедовме низа мерки во насока на поддршка и сочувување на мајчиниот јазик преку основање на институции за промоција на мајчиниот јазик, преку овозможување за негово учење уште во основното образование зошто тој мора да се негува, а ќе се негува ако се зборува“,
нагласи Ковачевски.

Премиерот рече дека албанскиот јазик не е негов мајчин јазик, но сепак, одлично се разбира со Албанците бидејќи, како што нагласи, „тоа е мојот братски јазик“.
Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање истакна дека 115-тата годишнина од Конгресот во Битола е клучен момент во историјата на албанскиот народ кој ги поставил темелите за стандардизација на албанскиот јазик.
„Со години наназад, како држава, во континуитет потврдуваме дека ги препознаваме и вреднуваме различните јазични и културни идентитети и во таа смисла сме редок позитивен пример на целиот европски континент. Тоа не значи дека на тој пат сите дилеми и предизвици се расчистени или дека меѓуетничката толеранција и почитта кон поинаквите од нас е дефинитивно научена лекција. Меѓутоа, неспорен факт е дека македонскиот модел на мултикултурна коегзистенција ги инхибира потенцијалните тенденции за внатрешно раслојување и поделби што, според моето длабоко уверување, ќе придонесе наредниве години и македонскиот и албанскиот јазик, после долго патување, да станат дел од заедничкиот европски јазичен простор во рамките на Европската Унија“,
наведе претседателот.
Северна Македонија, оцени тој, се соочува со вечниот предизвик на балансирање на меѓуетничките односи, со цел промовирање еднакви можности за сите граѓани, и тоа, како што нагласи, го правиме во нестабилно надворешно опкружување оптоварено со територијални конфликти, историски фрустрации и национализам.
Претседателот порача дека мултикултурализмот е драгоцено богатство и во историски и во современи контексти. Акцентот на јазичната, културната и етничката разновидност, посочи тој, ја нагласува важноста од поттикнување инклузивност, разбирање и соработка во сите сфери од нашето заедничко живеење и работење.
„Државите не се распаѓаат заради јазичниот плурализам, најмалку заради зголемувањето на квантумот на јазични права на било која етничка заедница. Државите назадуваат ако не го користат потенцијалот на секој свој граѓанин, а секој од нас во своите животни и професионални битки влегува со она што го носи во себе – своите знаења и вештини, своето искуство и својата совест. Но, во сите животни битки влегуваме, пред сè, со нашето име и идентитет. А тие се потпираат врз нашиот мајчин јазик“,
рече Пендаровски.