Ковачевски истакна дека местото на политичките партии е во коалиции со кои делат исти вредности
Сѐ уште важи понудата на СДСМ сите политички партии, невладини и други организации, како и поединци кои ја делат визијата за европска Македонија да ни се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај, изјави денеска поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
„Земјава има изградено демократско општество во кое секоја политичка партија и поединец може слободно да ги носи своите одлуки“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање што доколку Алијанса за Албанците отиде во опозиција.
Тој потврди дека се сретнал со лидерот на АА, Арбен Таравари, но со Зијадин Села, како што нагласи, нема разговарано, само се виделе во парламентот.
„Точно е дека имавме средба со господинот Таравари и како што соопштивме после средбата разговаравме за односот во коалицијата, во техничката Влада во моментов, но и за она што беше направено во изминатата година бидејќи додека јас ја водев Владата во половина од мандатот имаше министри и од Алијанса. Разговаравме во однос на тековни активности што се одвиваат во Владата, ние сме двајца претседатели на политички партии кои имаат свои министри во техничката Влада. Што се однесува до динамиката во Алијанса, не би коментирал бидејќи се работи за друг политички субјект и тие се нивните партиските органи, нивните функционери се тие кои што треба ги дадат одговорите и излезат со став“,
рече Ковачевски.
Ковачевски истакна дека местото на политичките партии е во коалиции со кои делат исти вредности.
„Македонија има изградено високо демократско општество во кое што секоја политичка партија но и секој поединец може слободно да ги носи своите одлуки. Сетам дека местото на политичките партии прво е во коалиции кои делат исти вредности. Се уште важи понудата од СДСМ сите оние политички партии, невладини организации и други организации и поединци кои ја делат визијата за Европска Македонија да ни се приклучат на изборите на 24 април и 8 мај“,
рече претседателот на СДСМ.
Претседателот на Централното собрание и поранешен лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вчера на Фејсбук напиша дека партијата има одлука на претстојните парламентарни избори да оди сама. Тој го обвини актуелниот претседател Арбен Таравари дека има шверцерски тенденции и нагласи дека тој како поединец не одлучува за чекорите на партијата, туку партиските тела.
Инаку, ставот на Села беше продолжение на вчерашната фејсбук-преписка на партиските функционери на Алијанса за Албанците. Доцна попладнето лидерот Арбен Таравари на Фејсбук го повика партиското собрание да го поддржи во намерата партијата да влезе во изборната трка со опозициските партии на Албанците. Веднаш по него на Фејсбук се огласи генералниот секретар на партијата и министер за правда Кренар Лога, кој истакна дека веќе е донесена одлука за самостоен настап на изборите.
Алијанса за Албанците поделена: Таравари за промени, Лога за самостоен настап
На фејсбук-преписката се придружи и актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, кој е од редовите на АА, и кој се стави на страната на Таравари споделувајќи ја неговата објава. Меџити не напиша дополнителен коментар.