Според него, Парискиот мировен форум претставува одлично место каде што можат да се разменат голем број искуства меѓу присутните земји и на кој се разговара за унапредувањето на заедничката соработка
Драго ми е што во текот на мојата работна посета на Париз имав можност да бидам првиот македонски премиер кој имаше официјална средба со директорката на УНЕСКО и притоа да се обратам на македонски јазик пред претставниците на земји членки, на годишната конференција на УНЕСКО, изјави премиерот Димитар Ковачевски, откако ја оцени како успешна работната посета на Париз.
„На состанокот со директорката директорката на УНЕСКО имавме можност да разговаравме во однос на Охридскиот регион, којшто го задржа статусот на природно и културно светско наследство, и секако разговаравме за понатамошните чекори во однос на заштита и унапредување на овој светски значаен регион“,
рече Ковачевски.
Тој бил и на работна вечера кај претседателот на Франција, Макрон, на која, како што информира, присуствувале претседатели и премиери на други земји.
„Присуствуваа и претседатели и директори на меѓународни институции кои се од исклучително високо значење како за нас, така и за сите земји во Европа и светот. Разговаравме за актуелните случувања кои се од значење за регионот и за Европа, во светло на војната во Украина и на Блискиот Исток. Можевме да размениме искуства во однос на справувањето со предизвиците кои сите земји ги имаат и за заедничките напори кои сите ги правиме. Беше присутен и претседателот на Европскиот совет, како и претседатели и премиери на земји членки на ЕУ со кои можевме да поразговараме за Планот за раст за Западен Балкан, кој почнува да се преточува во акциски планови, за што ќе следуваат активности во наредниот период“,
нагласи премиерот.
Во текот на денешниот ден тој присуствуваше на отворањето на 6. Париски мировен форум на кој францускиот претседател беше домаќин, а присуствуваа и претседатели и премиери на голем број држави, вклучително и претставници на меѓународни финансиски и други организации.
„Ова е одлична можност за земјите и претставниците на меѓународните организации да разменат искуства во однос на предизвиците со кои се соочува светот во моментов, а ги има многу. Разговаравме за оние теми што се најзначајни, а подетално разговаравме за мерките што ги преземаме во делот на справувањето со предизвиците, секако и во однос на остварувањето на целите за долгорочен одржлив развој. Јас ги споделив искуствата што како држава ги имаме во однос на успешните справувања со енергетската и економска криза. Светска банка веќе објави дека Северна Македонија го имаше најголемиот пакет антикризни мерки во регионот, од 760 милиони евра. Разговаравме и во делот на зголемувањето на платите и пензиите, што кај нас се случија во континуитет во текот на изминатите години. За намалувањето на невработеноста од 26 на 14 отсто, зголемувањето на вработеноста. За намалувањето на младинската невработеност. Секако, и за унапредувањето на правата на ранливите категории на граѓани, унапредувањето на правата на Ромите. Разговаравме и за обезбедување што подобра енергетска позиција и енергетска независност на Северна Македонија, при што ги истакнав нашите инвестиции направени во изминатите две години и кои претставуваат најголемо инсталирање на обновливи извори на енергија од осамостојувањето“,
истакна Ковачевски.
Според него, Парискиот мировен форум претставува одлично место каде што можат да се разменат голем број искуства меѓу присутните земји и на кој се разговара за унапредувањето на заедничката соработка.
„Имав средба и со новиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија на САД, О’Брајан, со кого разговаравме за билатералната соработка меѓу нашата држава и САД, со кои имаме стратешки дијалог, како и за динамиката на најзначајните политички и економски теми во нашата држава и во регионот на Западен Балкан“,
подвлече Ковачевски.
