Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска имаше средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Обединетото Кралство, Стјуарт Пич, на која било потенцирано дека целосно интегриран Западен Балкан не е само политички, безбедносен и економски интерес на ЕУ, туку и геостратегиска инвестиција во стабилен и просперитетен регион и дека во таа насока отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија е клучно за поттикнување позитивен напредок и за останатите отворени прашања како што се дијалогот Белград – Приштина и ситуацијата во Босна и Херцеговина.
На средбата, која се одржа за време на конференцијата за безбедност „Глоб сек 2022“ во Братислава, како што соопшти прес-службата на Владата, Ковачевски истакна дека честите контакти со специјалниот пратеник Пич се резултат на засилениот ангажман на Обединетото Кралство на Западен Балкан и за промовирање на прашањата за регионалната безбедност и поддршка на демократските општества за стабилен и просперитетен регион. Истовремено, како што посочил, средбите со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Обединетото Кралство, Стјуарт Пич, се поттик и за унапредување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство.

Ковачевски, во негово име и во име на Владата и народот, изрази задоволство што Северна Македонија беше првата земја од Европа која го одржа првиот состанок на Советот за партнерство, трговија и соработка со Обединетото Кралство, со цел да се обезбеди непречен и континуиран развој на блиската соработка меѓу двете земји, особено во деловната соработка, се наведува во соопштението.