Оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охридска Архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска Архиепископија, вели премиерот
Одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае нашата црква како канонска, според премиерот Димитар Ковачевски,е најважниот ј најголемиот чекор кој сега е завршен.
Нашата православна црква, вели премиерот, сега е во заедница со сите православни цркви и денешниот ден е историски бидејќи завршува седумдецениската изолација.
„Денеска со одлуката на Вселенската патријаршија ние влегуваме во православното семејство на сите помесни цркви. И оваа одлука на вселенската патријаршија што нè признава под име Охридска архиепископија значи признавање на континуитетот што го има нашата историска црква со древната Охридска архиепископија“,
вели Ковачевски.
Тој во објавата на Светиот Синод на Македонската православна црква и на православните христијани им честита за убавата вест, а до вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј упати голема благодарност. Со оваа одлука, според премиерот, Вартоломеј и Вселенската патријаршија покажале голема грижа и потврдиле дека стојат на историската мисија и одговорност.
Од вселенската патријаршија, по денешното заседание на Светиот Синод соопштија дека одлучиле да ја отстранат повеќедецениската шизма наложена врз Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, односно да ја признаат црковната јерархија предвоена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и да се воспостави канонско и литургиско општење со неа.
„Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава ’Охридска‘ (имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија“,
пишува во соопштението од Вселенската Патријаршија.
Оваа одлука не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.