На неформалната средба на премиерите од земјите од Западен Балкан, која ја организира албанскиот премиер Еди Рама, во фокус биле и разговорите во насока на подготовките за самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи во Тирана на 16 октомври
На денешната средба единствено не учествуваше премиерот на Косово, Албин Курти, со образложение дека присуствува на симпозиум кој се одржува во Крит, Грција
Планот на Европската Унија за забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан е темата која била во фокусoт на разговорите на денешната неформална средба во Тирана на која приусуствуваа премиерите на С Македонија, Димитар Ковачевски, на Србија, Ана Брнабиќ, на Албанија, Еди Рама, и на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Планот на ЕУ за забрзана интеграција на земјите од регионот, изјави Ковачевски по средбата, се темели на неколку столба, и тоа – побрзо приближување на земјите од Западен Балкан до заедничкиот пазар на ЕУ, зголемување на фондовите за финансирање на важни регионални проекти, зголемување на економската соработка и интеграција меѓу земјите од Западен Балкан и забрзување на клучните реформи во секоја од државите.

„Се работи за амбициозен план, се работи за амбициозна агенда на која ќе работиме сите заедно и она што исто така ќе биде дел од работата во периодот до октомври и после него е исто така ратификацијата и ставањето во функција на договорите кои веќе беа потпишани на состанокот во Берлин минатата година, на кои веќе земјите работат, тука пред сѐ се мисли на меѓусебното признавање на дипломите, како и на другите договори кои беа потпишани во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес, а кои договори се депонирани во нашето Министерство за надворешни работи“,
изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата.
Средбата на премиерите од земјите од Западен Балкан ја организира албанскиот премиер Еди Рама како дел од подготовките за самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи во Тирана на 16 октомври, со оглед на тоа што оваа година Албанија претседава со Берлинскиот процес.
Рама неодамна ги посети земјите од Западен Балкан со цел да се координира со лидерите за развој на заеднички барања, кои би биле претставени на октомврискиот самит на Берлинскиот процес.
На денешната неформална средба единствено не учествуваше премиерот на Косово, Албин Курти, со образложение дека присуствува на симпозиум кој се одржува во Крит, Грција. Присуството на оваа конференција, како што соопштија од кабинетот на Курти, косовскиот премиер ја потврдил уште пред неколку месеци. Сепак, оттаму додаваат дека Курти ќе учествува на Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи во Тирана.