Претходно денеска, на една од прес-конференциите во рамки на Самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека се вложуваат многу напори за на Северна Македонија да ѝ се пружи поддршка во процесот на пристапување кон ЕУ и во процесот на решавање на проблемите со соседите, прво со Грција, а сега и со Бугарија
Северна Македонија уште еднаш доби силно охрабрување од германскиот канцелар Олаф Шолц и од Сојузна Република Германија за реализација на следниот чекор по зацртаниот пат кон пристапување кон Европската Унија и носењето на значајните одлуки што се пред нас.

Ова на прес-конференцијата на Самитот на Берлинксиот процес што се одржува во Тирана денеска го изјави премиерот Димитар Ковачевски. Тој говореше за важноста на Берлинскиот процес во поглед на регионалната соработка и информираше за повеќето билатерални средби кои ги остварил на маргините на Самитот.
„Од германскиот канцелар Шолц, државата уште еднаш доби силно охрабрување и поддршка од СР Германија да го реализираме следниот чекор по зацртаниот пат кон пристапување во ЕУ, а тоа е носењето на значајните одлуки коишто ги имаме пред нас. Разговаравме секако за улогата на Берлинскиот процес како катализатор на меѓународната соработка и секако на билатералната соработка којашто ја имаме со Германија, а која е наш најголем трговски партнер“,
изјави премиерот на денешната прес-конференција од Тирана.
Освен со Шолц, Ковачевски информира и за средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со кого разговарал за важноста на европските интеграции, статусот на скрининг процесот.
Претходно денеска, на една од прес-конференциите во рамки на Самитот, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека се вложуваат многу напори за на Северна Македонија да ѝ се пружи поддршка во процесот на пристапување кон ЕУ и во процесот на решавање на проблемите со соседите, прво со Грција, а сега и со Бугарија.
„Сега има шанса да продолжи во вистинската насока и ние навистина го цениме тоа што го прават Владата и премиерот на Северна Македонија“,
изјави германскиот канцелар Шолц.
Меѓу другото, Шолц порача дека за мирен развој на Западен Балкан, неопходно е разбирање од сите држави, а оти тоа е можно само доколку, како што рече, земјите не се прогонувани од минатото туку гледаат во иднината и се обидуваат да ги решат меѓусебните проблеми.