Владата работи со силен фокус на спроведувањето на неопходните реформи, особено во делот на владеењето на правото и дека продолжува посветеноста во унапредувањето на добрососедските односи преку развивањето дијалог базиран на меѓусебно почитување, во духот на европските вредности, истакна Ковачевски во своето обраќање
По многубројните предизвици на патот кон членство во Европската Унија, Република Северна Македонија минатата година, со политичка храброст, конечно направи историски исчекор и ги започна пристапните преговори кои означуваат почеток на нова квалитативна фаза во односите со ЕУ. Го потпишавме првиот официјален договор со Фронтекс на македoнски јазик заедно со останатите 24 официјални јазици во ЕУ, како прв ваков официјален договор меѓу Северна Македонија и ЕУ, кој е јасна потврда за заштитата на идентитетските одредници, истакна премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, што започна денеска во Скопје.
„Овој состанок на Советот има историска димензија бидејќи по 22 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 17 години по стекнувањето на кандидатскиот статус, го одржуваме со започнати преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, како членка на НАТО. Владата којашто ја предводам и во наредниот период ќе вложи максимални напори за навреме да ја заокружиме и отворачката фаза од пристапните преговори и да овозможиме динамизирање на преговорите“,
порача премиерот Ковачевски.
Тој истакна дека Владата работи со силен фокус на спроведувањето на неопходните реформи, особено во делот на владеењето на правото и дека продолжува посветеноста во унапредувањето на добрососедските односи преку развивањето дијалог базиран на меѓусебно почитување, во духот на европските вредности.
„Со целосна посветеност кон реформската агенда и динамизирање на процесот на преговори, Владата си постави амбициозна цел – Северна Македонија да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во Европската Унија до крајот на 2030 година, за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетски период на Европската Унија“,
рече премиерот.
Ковачевски се осврна и на војната во Украина, посочувајќи дека бруталната инвазија на Русија длабоко ja промени геополитичкaта реалност, нагласувајќи дека Северна Македонија веднаш и недвосмислено се приклучила кон едногласната осуда на ЕУ и меѓународните партнери, за неоправданата и неиспровоцираната агресија врз суверена земја и согласно своите можности, пружа хуманитарна, воена и дипломатска помош.
„Република Северна Македонија се приклучи кон сите рестриктивни мерки коишто ЕУ ги воведе кон Руската Федерација, вклучувајќи ги и воведените во 2014 година, како резултат на анексијата на Крим, со што направивме стопроцентно усогласување со позициите на ЕУ во доменот на заедничката надворешна и безбедносна политика. Со овој чекор ја реафирмиравме својата посветеност кон споделувањето на европските вредности и принципи, врз коишто се базира надворешната политика на Европската Унија, потврдувајќи го партнерството со ЕУ и стратешката европска ориентација“,
рече во обраќањето премиерот Ковачевски.
Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со годинашнот состанок претседава Република Северна Македонија, односно премиерот Димитар Ковачевски, а копретседавач од страната на Европската Унија е високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел.
Во делегацијата на Република Северна Македонија се и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во делегацијата на Европската Унија учествуваат и еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, како и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.
Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) која стапи во сила на 1 април 2004 година ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.