„Одлуката е во рацете на граѓаните, но сите треба добро да размислат како ќе влијае на нашата иднина ако десничарска партија добие преголема моќ или ако се вратиме во грдите времиња на меѓуетнички тензии“, рече лидерот на СДСМ
Изборите на 8 мај (парламентарните и вториот круг од претседателските) ќе бидат многу тешки, но СДСМ нема да се откаже од европската иднина на државата, рече лидерот на партијата Димитар Ковачевски на вечерашниот митинг во Сарај, во рамките на караванот на „Коалицијата за европска иднина“.

Резултот, како што рече тој, сè уште не одлучен и оти ќе продолжат да се борат за секој граѓанин и за европска иднина, бидејќи само така, додаде тој, ќе успееме да изградиме подобар животен стандард.
Ковачевски рече дека ја прифаќаат силната порака која ја испратија граѓаните на вчерашниот прв круг од претсдателските избори, во кој според резулатите кандидатот поддржан од СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски освои двојно помалку гласови од неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
„Ја прифаќаме силната порака која на вчерашниот изборен ден ни ја испратија граѓаните. Знаеме дека изборите на 8 мај ќе бидат многу тешки, но резултатот сè уште не е одлучен. Одлуката е во рацете на граѓаните, но сите треба добро да размислат како ќе влијае на нашата иднина ако десничарска партија добие преголема моќ или ако се вратиме во грдите времиња на меѓуетнички тензии“,
рече Ковачевски.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, порача тој, никогаш нема да се откаже од европската иднина на државата, затоа што, како што кажа, само така ќе успееме да изградиме поквалитетно образование и здравство, поефикасна борба против криминалот и корупцијата и подобар животен стандард за сите граѓани.
Во рамките на изборниот караван на СДСМ и „Коалицијата за европска иднина“, по Сарај, Ковачевски, носителите, коносителите и останатите кандидати за пратеници денеска имаа средби и митинг во Чучер Сандево.
На него се обрати и потпретседателот на СДСМ и коносител на парламентарната листа во Изборна единица 2 на „Коалицијата за европска иднина“, Фатмир Битиќи кој порача дека не постои разлика која е недостижна и дека на 8 мај сè почнува од почетокот, гласовите ќе се бројат од нула и оти борбата не е завршена.
„Една работа е јасна од првиот круг на претседателските избори, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска го достигнаа својот максимум на гласови, го достигнаа плафонот. Повеќе нема што да бараат, ниту да очекуваат од граѓаните на 8ми мај. Толку можат, ништо повеќе. А тоа не е доволно за победа на претседателските избори. Ве уверувам дека со оваа реторика која што ја има ВМРО-ДПМНЕ, со ксенофобијата на Гордана Силјановска Давкова не постојат гласови од албанскиот електорат кои тие ќе можат да ги добијат во вториот изборен круг на претседателските избори. За разлика од нив, пред нас е хоризонтот на гласови кон кој треба да се движиме на 8 мај“,
рече Битиќи.
