Во врска со членството во ЕУ, Ковачевски напомена дека економските бенефити ќе бидат огромни. Тоа во првите пет години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти. Пораст на БДП во износи од 80 до 90 отсто, зголемен број на работни места. За 30 до 40 отсто зголемен број на малите и средните претпријатија, рече премиерот
Како никогаш досега Европа е свртена кон државите од Западен Балкан. Членството во ЕУ зависи и од ентузијазмот во Унијата за проширување и продлабочување на европските интеграции, но и од напорите на државите-кандидати да ги исполнат потребните високи критериуми и стандарди, преку почитување на фундаменталните европски вредности. Овој процес е од заемна корист и за двете страни, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во воведното обраќање на Скопскиот економски и финансиски форум (СЕФФ).
Како што истакна Ковачевски, ЕУ на земјите од Западен Балкан им дала вистинска шанса да се интегрираат во Унијата. Особено е важен, нагласи премиерот, најавениот план за Западен Балкан од страна на претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лејен, која на форумот во Братислава во мај годинава ја промовираше заедничката цел на забрзување на евроинтеграцискиот процес. Овој план, нагласи Ковачевски, отвори можности за многу побрза интеграција во Унијата.
Тој порача дека земјите од Западен Балкан заедно треба да бидат фокусирани на справување со предизвиците кои им стојат на патот на просперитетот.
„Од нас зависи колку брзо ќе ги направиме реформите на патот кон ЕУ, колку брзо ќе ги исполниме условите, а од внатрешно-политичкиот дијалог зависи која динамика ќе ја следиме. Но, едно е сигурно – нашиот фокус и цел мора да остане ЕУ. Ние припаѓаме на демократскиот и слободниот дел на Европа и како што ние, земјите од Западен Балкан имаме интерес да бидеме членки на ЕУ, ЕУ има голем интерес на Балканот да нема регионални конфликти, да има политичка стабилност, да има економски стабилни држави кои ќе се развиваат и ќе се усовршуваат, на демократски, административен, политички, безбедносен план. Повеќегенерациската борба за обединета Европа ќе продолжи со државите на Западниот Балкан и Источното европско партнерство и тоа ни дава силен реформски поттик“,
рече Ковачевски.
Според него, трансформацијата и напредокот на економијата во земјите од Западен Балкан е од огромна важност за подобар квалитет на живот за граѓаните.
Тој се осврна и на економските придобивки од ЕУ кои, како што истакна, имаат широк опфат.
„Четирите столба предвидени за земјите од Западен Балкан ќе дадат можност да ги почувствуваме бенефитите на главниот двигател на економскиот успех – трансформациската моќ на европските интеграции. Овде говорам за економска моќ со учество на ЕУ во светската економија и трговија од околу 16 отсто. Само во 2021 година, ЕУ има извоз од 2,18 трилиони евра. Европската Унија има единствен пазар од 500 милиони луѓе, што обезбедува голема апсорпциска моќ и можност за економија од обем. Во нашата независна историја, веќе триесет години опстојува исклучително високо ниво на поддршка на граѓаните во однос на потребното членство во Европската Унија. Во сите овие години, финансиската поддршка на ЕУ се проценува на над 3,3 милијарди евра, средства кои нашата држава ги добила преку грантови и макрофинансиска поддршка, кои ни овозможиле ликвидносна поддршка, забрзување на деловната активност и индиректно, повисоки плати и пензии, намалување на невработеноста, зголемени странски инвестиции“,
потенцираше премиерот.
Во врска со членството во ЕУ, тој напомена дека економските бенефити ќе бидат огромни.
„Тоа во првите пет години ќе значи повисоки плати од 70 до 100 проценти. Пораст на БДП во износи од 80 до 90 отсто, зголемен број на работни места. За 30 до 40 отсто зголемен број на малите и средните претпријатија. Во 2008 година Северна Македонија и Хрватска беа на иста позиција да станат членки на Унијата. Пред два дена мојот хрватски колега Андреј Пленковиќ истакна дека Хрватска за десет години членство во ЕУ е 12 милијарди евра во плус. Хрватска во ЕУ влезе во 2013 година со стапка на невработеност од 17,3 проценти, во 2022 стапката на невработеност на Хрватска е симната на 6,7 отсто“,
рече Ковачевски.
Премиерот заклучи дека членството во ЕУ има придобивки и зачително влијание врз економскиот раст и трговија, врз учеството во царинската унија на ЕУ, врз намалувањето на трговските бариери и врз зголемувањето на конкурентноста.