Шефот на државата, Стево Пендаровски, денеска во 13:00 часот, ќе му го врачи мандатот за состав на новата влада на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Од моментот на предавање на мандатот, чин за кој ќе биде известено и Собранието, ќе почнат да течат роковите.

Проценките на Ковачевски, но и на собранискиот спикер, Талат Џафери, се дека нема да се оди со максималните рокови и дека најверојатно 17 јануари би бил првиот работен ден за новите и за старо-новите министри.

„Откако претседателот ќе му го додели мандатот на Ковачевски, Собранието треба да биде известено и да почнат да течат роковите. Максимумот е 20 дена, но јас не очекувам мандадарот да го искористи до крај овој рок. Сметам дека до 10 или 11 јануари во Собранието би стигнал предлог-составот на новата влада, како и програмата. По консулатациите со пратеничките групи, седницата за избор на нова влада би можела да се закаже за 15 јануари, а до крајот на денот на 16 јануари таа и да се избере“,
изјави Џафери на годишната прес-конференција на која ја сумираше работата на парламентот.
Идниот мандатар, Ковачевски, во вчерашното интервју за Сител најави дека ќе се посвети на економијата и на внатрешнополитичките прашања.

На прашањето, по кои карактеристики ќе биде различен од неговиот претходник Зоран Заев, Ковачевски одговори дека тој ќе се посвети повеќе на економијата и внатрешната политика, за разлика од големите прашања на кои се фокусирал Заев.
„Тешко е да зборуваш за разлики. Премиерот Заев беше фокусиран на решавање на големите прашања од значење за државата, да не заборавиме дека заради тие големи и тешки одлуки што беа донесени денес сме членка на НАТО и сме на чекор до почнување преговори со ЕУ. Таа посветеност во решавањето на тие прашања остави празнина во раководењето и менаџирањето на внатрешната и економската политика во државата, односно менаџирањето на кадрите, така што јас повеќе ќе се посветам на економската и внатрешната политика во државата“,
рече Ковачевски.
