На вонредниот самит на НАТО во Брисел, премиерот потенцирал оти во овие несигурни времиња е гордост да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина кои во себе вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на Алијансата
Руската воена агресија во Украина е неиспровоцирана, неоправдана и е сериозно кршење на меѓународното право, истакнал премиерот на Северна Македонија и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешниот вонреден самит на НАТО на кој присуствуваа шефови на држави и влади, пренесува владината прес-служба.

Тој додал оти Северна Македонија се придружува кон повиците до Русија веднаш да ја прекине воена акција и да ги повлече сите воени трупи од Украина, а меѓу другото и ја поздравил одбрана на Украина која ја штити слободата на Украинците и суверенитетот на државата.
„Во таа насока Северна Македонија силно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, во нејзините меѓународно признати граници и нивното право слободно да ја избираат својата надворешнополитичка ориентација и безбедносни аранжмани“,
истакнал Ковачевски на денешниот вонреден НАТО-самит, а пренесе владината прес-служба.
Премиерот потенцирал оти во овие несигурни времиња, гордост е да се видат сите придобивки од единството на НАТО и ЕУ во одговорот на воената агресија на Русија во Украина кои во себе вклучуваат и важни чекори за зајакнување на одбранбените капацитети на источното крило на Алијансата.
„Премиерот Ковачевски посочи дека внимателно се следат агресивните активности на Русија и во регионот на Западен Балкан, и дека тие имаат за цел да ги поткопаат угледот и довербата во НАТО и ЕУ, да предизвикаат безбедносна криза која ќе влијае на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан и да создадат дилема околу стратешката улога на НАТО и ЕУ во регионот. Тој укажа и на тоа дека НАТО и ЕУ мора да го задржат кредибилитетот на своите политики во регионот за дополнително зајакнување на безбедноста“,
наведува во соопштението владината прес-служба.
Ковачевски, како што истакнуваат од прес-службата на Владата, меѓу другото, истакнал дека политиката на отворени врати на НАТО беше историски успех кој обезбедува траен мир и безбедност на целиот Европски континент, наспроти отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива за Западен Балкан која може да има повеќекратни негативни тенденции.
Тој дополнил оти проширувањето на ЕУ ќе ја зголеми безбедноста и ќе ја консолидира демократијата и затоа е од исклучителна важност за Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за пристапување во ЕУ, без натамошни одложувања.