Од Владата додаваат дека на состанокот дополнително станало збор и за воспоставување директна линија Скопје – Абу Даби која ќе биде во насока на продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во таа насока, владината делегација ја истакнала важноста од инвестиции и во услови на најголемата светска енергетска криза и воени превирања, се со цел да се даде стимул на економијата
Постои голем потенцијал за развој и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати за реализација на инвестициите од ОАЕ во земјава со фокус на земјоделството и преработката на храна.
Ова било заклучено на денешната средба меѓу македонската владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски со генералниот директор на „Развојниот холдинг на Абу Даби – ADQ“, Мохамед Хасан Ал Суваиди, како и други претставници на високото раководство.

Ковачевски, заедно со министрите за финансии Фатмир Бесими, за транспорт и врски Благој Бочварски и за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, ги претставиле можностите за финансирање и инвестиции во повеќе сектори.
„Целта е да се зацврстат економските врски меѓу двете земји и да се поттикне значителен интерес за инвестиции во целните сектори, вклучително и обновливите извори на енергија, инфраструктура, туризам, земјоделство, здравство“,
посочуваат од владиниот прес-центар.

Од владата додаваат дека на состанокот дополнително станало збор и за воспоставување директна линија Скопје – Абу Даби која ќе биде во насока на продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во таа насока, владината делегација ја истакнала важноста од инвестиции и во услови на најголемата светска енергетска криза и воени превирања, се со цел да се даде стимул на економијата.
„Премиерот Ковачевски на состанокот истакна дека минатата година се потпиша договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за взаемна заштита на инвестиции, кој е многу значаен за поттикнување на нови инвестиции од ОАЕ. Владината делегација ги презентираше проектите од различни области кои го привлекоа вниманието на раководството на овој фонд“,
се наведува во владиното соопштение.
Во рамки на посетата на Абу Даби, премиерот Ковачевски оствари средба и со Џамал Саиф Ал Џарван, генералниот секретар на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати (UAEIIC).

„Советот има главна улога за упатување и информирање на компаниите од ОАЕ каде да инвестираат и да го вложат својот капитал. Истиот има главна улога при упатување за определување на нивната инвестициска активност“,
објаснуваат од Владата.
На состанокот биле презентирани инвестициските можности и фокус секторите кои имаат потенцијал да привлечат свеж капитал.
„Фокусот на инвестиции на Меѓународниот совет на инвеститори на Обединетите Арапски Емирати се телекомуникациите, развој на недвижности, туризам, обновливи извори, инфраструктура, здравство како и храна и прехранбена индустрија“,
се додава во владиното соопштение.
На средбата биле разгледани начините и методите за искористување на сите можни потенцијали за унапредување и зголемување на трговската размена, која, како што посочуваат од Владата, ќе придонесе за зголемување на економскиот раст.
Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министрите Бесими, Бочварски и Николовски е во работна посета на Абу Даби, Обединети Арапски Емирати.
Целта на посетата, како што информираа претходно од Владата, е директна комуникација со инвеститори и средби со претставници на инвестициски фондови за подобрување на економската активност на државата во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.