Досега немаме регистрирано бегалци од Украина, меѓутоа сепак сме подготвени да им помогнеме на украинските бегалци бидејќи ние сме држава којашто во минатото имала бегалци и соодветно се однесувала, и сме држава којашто во минатото имала сограѓани коишто истото го имаат почувствувано, тврди Ковачевски во интервју за МИА
По вонредниот лидерски самит на НАТО на кој вчера учествуваше и премиерот Димитар Ковачевски,во интервју за МИА споделува за што конкретно се разговарало и кои одлуки се донеле.
Тој зборува и за санкциите кон Русија, како и за бегалската криза и евентуалниот примен на бегалци во земјава.
Ова беше вонреден итен самит на Алијансата. Дали може прво да споделите кои се главните одлуки што се донесоа денеска?
– Најпрвин ви благодарам за поканата за интервјуто. Се одржа вонреден самит на НАТО, на шефови на држави и влади. На него се донесоа повеќе значајни одлуки. Прво е што беше продолжен мандатот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг за уште една година, со оглед на тоа што светот се наоѓа во воена криза практично, со нападот на Русија врз Украина. На самитот се одлучи да се продолжи мандатот на генералниот секретар на НАТО за уште една година.
Второ, се обрати претседателот на Украина, господинот Зеленски којшто ја истакна уште еднаш големата пожртвувана борба на украинскиот народ против руската агресија. Тој исто така се заблагодари за помошта што ја добива од земјите членки на НАТО и од другите земји коишто делат исти вредности како и членките на НАТО и таа помош се состои од материјална помош којашто е потребна на украинскиот народ којшто се бори практично за својата слобода. Исто така беше донесена согласност да се зајакне источното крило на НАТО со дополнителни воени единици коишто ќе бидат распоредени во земјите коишто се дел од источното крило на НАТО, покрај тоа што во балтичките земји веќе имаше одлука за распределување на единици. Тие се таму согласно Договорот од Вашингтон да го штитат територијалниот интегритет на земјите членки и се наоѓаат во одбранбена состојба во тие држави.
Исто така, беше осудена воената агресија којашто Русија ја изврши врз Украина и беа исто така реафирмирани повиците за санкции врз Русија со оглед на тоа што сите земји членки на НАТО сметаат дека оваа воена агресија треба да престане и еден од начините на деескалација е економски да се изолира Русија и нејзините политичари, со оглед на тоа што е невоениот начин. Бидејќи секое друго мешање на НАТО во Украина би претставувало поголем воен конфликт и затоа мора да се балансираат одлуките коишто се носат.
Исто така, се усогласивме дека треба да се упати апел до Кина да заземе конструктивна улога односно да влијае на воспоставување на мир во светот и на деескалација на судирите во Украина, а не да помага на Руската Федерација во обидите за заземање на Украина, и тоа ќе биде нормално испратено и до Народна Република Кина.
Во однос на нашите ставови таму, ние имаме веќе усогласена политика со НАТО како земја членка. Исто така сме дел од мисиите коишто НАТО ги има и вежбите коишто се спроведуваат. САД го зајакнаа своето присуство во Европа, тие веќе имаат трупи со големина од сто илјади војници коишто се наоѓаат на европскиот континент, а исто така и другите држави членки на НАТО веќе имаат распоредено позначајни сили од сите родови на војската. Во однос на помошта на Украина сите земји имаат испратено помош на украинската држава, и пред сѐ на украинскиот народ којшто е во исклучително тешка состојба и се состои од секаков вид на помош.
Во однос на бегалската криза, којашто е бегалска криза од невидени размери после Втората Светска Војна, веќе Полска којашто е најизложена ги има ставено своите капацитети во функција на прифаќање. Веќе во Германија исто така се зголемува бегалскиот бран како и во другите земји коишто граничат со Украина. Ние како држава веќе ги донесовме потребните одлуки за идентификување на капацитетите и на обезбедување на сите материјални средства коишто се потреби согласно со нашите можности и сместувачки капацитети за прифаќање на евентуалните бегалци коишто би дошле од Украина. Досега немаме регистрирано бегалци од Украина, меѓутоа сепак сме подготвени да им помогнеме на украинските бегалци бидејќи ние сме држава којашто во минатото имала бегалци и соодветно се однесувала, и сме држава којашто во минатото имала сограѓани коишто истото го имаат почувствувано.
Дали претседателот Зеленски за време на неговото обраќање го повтори барањето за затворање на небото од страна на НАТО?
– Барањето за затворање на беше експлицитно поставено затоа што затворање на небото би значело директен воен конфликт помеѓу НАТО и Русија.
Но, дали побара?
– Не, претседателот Зеленски практично се заблагодари за целата помош којашто ја добива од НАТО и од другите земји членки во материјална помош, исто така се заблагодари за санкциите коишто се воведени врз Русија бидејќи на тој начин се смета дека така ќе се ограничи воената интервенција на Русија и ќе се одврати Русија од продолжување на воените дејствија коишто ги прави во Украина. Овие дејствија претставуваат веќе „грознификација“ на украинските градови, бидејќи ако го видиме градот Мариупољ тој е комплетно срамнет со земја, не се работи за мал град, се работи за голем град во јужна Украина. Истото се случува во другите градови каде има руски воени дејствија и тоа е нешто што мора веднаш да престане бидејќи на тој начин ние имаме воен судир којшто е на две нерамноправни спротивставени страни каде што една голема воена сила изврши агресија врз земја којашто има право на својот територијален интегритет и суверенитет како и секоја друга земја според меѓународното право.
Јасно е тоа дека се нерамноправни, но Зеленски постојано бара да го затворите небото, пратете ни барем еден отсто од вашите капацитети, интервенирајте на терен. Зошто НАТО, ако е НАТО и сите негови земји членки свесни дека ова е нерамноправен конфликт и дека Русија ги гази Украинците, зошто НАТО не може да ја донесе таа одлука да го затвори небото и да го обезбеди тоа затворено небо?
– Јас веќе ви кажав дека затворање на небото над Украина би значело воен конфликт помеѓу НАТО и Русија и тоа би прераснало во војна од невидени размери. Од таа причина одлуката и на НАТО и на другите земји, коишто се дел од ЕУ и земји на пат кон влез во ЕУ, одлуката е со економски санкции и други невоени средства за санкции да се одврати Русија од понатамошни воени дејствија.
Ако ги слушаме источноевропските земји, Естонија на пример, Полска, не ја исклучуваат во иднина, во даден момент да дојде на дневен ред затворањето на небото. Тоа го кажа естонскиот министер пред неколку недели. Дали мислите дека може да се променат работите? Спомна денеска генералниот секретар дека ако дојде до хемиски напад или не дај боже нуклеарен нешто би можело да се смени. Дали тоа нешто што би можело да се смени би значело директна интервенција на НАТО и судир НАТО-Русија?
– Значи во однос на заштитата од биолошки напад евентуален исто така се разговараше и веќе на редовниот самит во Мадрид ќе се операционализираат детали за тоа на кој начин да и се помогне на Украина во справување со евентуални такви напади. Исто така се разговараше и за заштита од сајбер напади на земји коишто се во опкружување на Русија и на другите земји коишто се наоѓаат на Западен Балкан а исто така се разговараше за зацврстување на капацитетите за одбрана и одвраќање и за земји коишто сакаат да бидат дел од НАТО како на пример Грузија, со цел да можат да ги зајакнат своите капацитети за во иднина. Во однос на балтичките земји тие се дел од НАТО и нивната одбрана ја гарантираат сите земји членки на НАТО како што тоа важи за било која земја членка на НАТО каде и да таа се наоѓа географски во светот.
Но, повторно да се вратам бидејќи не ми одговоривте на прашањето. Столтенберг рече дека доколку дојде до биолошки или хемиски напад, тоа може да ги контаминира соседните земји, но не одговори, не отиде до крај на неговото размислување и не одговори на прашањето дали хемиски или биолошки напад би можел да го внесе НАТО во овој конфликт против Русија. Која е вашата проценка?
– Логично е дека не одговорил затоа што за такво нешто треба да се направат анализи од страна на соодветните сектори на НАТО бидејќи НАТО не само што претставува Алијанса којашто на највисоко ниво ја претставуваат претседатели на држави и премиери, туку има и сектори безбедносни, и од сите аспекти коишто ја следат состојбата. Амбасадорите во цивилното крило на НАТО постојано имаат состаноци во однос на политичките прашања, меѓутоа секако дека постои и воениот сектор на НАТО во којшто се следи состојбата и во Украина но и евентуални напади. Вие спомнавте што би се случило доколку се случи нуклеарен напад. Доколку се случи нуклеарен напад ние ќе имаме нуклеарна војна од размери какви што не се видени до сега во светот. Јас искрено се надевам дека такво нешто нема да се случи бидејќи евентуален нуклеарен напад не би значело само напад на една точка, туку би значело и ширење на контаминација на пошироки простори со стотици километри. Јас искрено се надевам дека тоа нема да дојде и дека ќе се вразуми рускиот претседател за овој бесмислен напад врз Украина конечно се прекине.
Зеленски спомна дека имало напад со фосфор, но повторно Столтенберг не можеше или не сакаше, во секој случај не ја потврди информацијата. Стана ли збор за тој напад денеска?
– Да, тој информираше, Зеленски, врз основа на нивните информации коишто ги имаат од теренот во Украина дека имало напад со фосфорни бомби во текот на минатиот ден, и тоа сигурно дека надлежните сектори ќе го разгледаат, меѓутоа сето ова ќе биде предмет и на меѓународни организации коишто се занимаваат со заштита на човекови права па и со обвинувања за тешки насилства кон човештвото.