Ковачевски информира дека во буџетот веќе има резервирани 130 милиони евра, а се прават анализи за алокација или обезбедување повеќе средства

Новата Влада предводена од СДСМ значи ефикасност во работењето, одговорност и посветеност во решавањето на сериозните предизвици кои се пред граѓаните. Нашата цел да составиме стабилна Влада, со јасни принципи на дејствување во интерес на граѓаните и државата е исполнета. Задоволен сум како течеше целиот процес, во позитивна и конструктивна атмосфера, посветени на одговорноста за подобра иднина на сите наши граѓани. Ова го нагласи на прес-конференцијата вечерва претседателот на СДСМ и мандатар Димитар Ковачевски, кој акцентираше неколку клучни столбови, вградени и во владината програма, врз основа на коишто ќе се базира работата на новата Влада.
Ковачевски дека примарен фокус во следните месеци ќе биде ставен на силен одговор на глобалната енергетска криза која се надоврза на веќе тешката економска состојба предизвикана од ковид-пандемијата.
„Свесен сум колку граѓаните и компаниите се финансиски исцрпени и новата Влада целата енергија ќе ја насочи кон обезбедување соодветна финансиска поддршка, зајакнување на економијата, отворање нови работни места и заштита на постојните“,
рече Ковачевски.
Додаде дека веќе има подготвен план, се подготвуваат сет на мерки за директна поддршка за граѓаните и стопанството, ќе бидат поткрепа за семејниот буџет на граѓаните, но и помош за компаниите.
Ковачевски информира дека во буџетот веќе има резервирани 130 милиони евра, а се прават анализи за алокација или обезбедување повеќе средства.
Оваа Влада, рече тој, има можност во следните две и пол години континуирано и без изборни циклуси, да се посвети целосно на економијата и квалитетот на живот на граѓаните.
„Граѓаните очекуваат ефикасност, ефективност и видливи резултати и јас, заедно со мојот тим на тоа се обврзуваме. Со посветена работа и вистински економски политики очекувам континуиран раст на вкупната економија од 4,6 отсто до 5,9 отсто годишно. Секако, ова примарно ќе биде условено и од глобалните кризи и економски текови, но со силен фокус на економијата и висока реализација на капиталните инвестиции верувам дека може да го постигнеме“,
изјави претседателот на СДСМ и мандатар Ковачевски.
Најави драстично зголемување на домашните приватни и корпоративни инвестиции и влез на странски директни инвестиции, но многу повеќе нивно поврзување со домашните компании.
Понатаму, фокусот ќе биде и на намалување на невработеноста, која до крајот на мандатот, како што рече, се планира првпат да биде едноцифрена.
Ќе се продолжи и со зголемувањето на платите и пензиите, а согласно анализите, просечната плата ќе ја надмине висината од 500 евра месечно и ќе продолжи да расте, најави Ковачевски.
„Ги правиме последните анализи за времето и висината на зголемувањето на минималната плата со цел обезбедување достоинствен живот за сите граѓани. Нема да има зголемување на даноците, граѓаните и компаниите бараат стабилност и предвидливост. Но, ќе воведеме поголема ефикасност и силна борба против сивата економија“,
истакна Ковачевски.
Состојбата со ковид-пандемијата, потенцира тој, внимателно се следи, а во координација со Комисијата за заразни болести и Кризниот штаб заеднички ќе дејствуваат во заштита на здравјето на граѓаните. Вакцинацијата и натаму останува приоритет и неа, рече, треба дополнително да ја интензивираме.
Најави и градежна експанзија во инфраструктурата. За две и пол години финиширање на најкрупните делници на Коридорот 8 и Коридорот 10, но и продолжување на реконструкција на магистралните и регионалните патишта.
Целосно завршување на примарната и секундарна гасоводна мрежа во целата држава и поставување на условите за почеток на користење за домаќинствата, како и нови инвестиции во еколошки и обновливи извори на енергија.
„Имаме добри и успешни земјоделски политики кои се димензионирани во вистинско време да им се помогне на земјоделците, кога им е најпотребно. Силната поддршка на земјоделството ќе продолжи и во иднина. Како влада ќе бидеме посветени на бескромпромисна војна против криминалот и корупцијата. Да нема недопирливи и секој да одговара“,
рече Ковачевски.