Во Буџетот за 2022 година се обезбедени 1,72 милијарди денари токму за мерките од Оперативниот план за вработување

Мерките од Оперативниот план за вработување на Владата учествуваа во намалувањето на невработеноста до историските 15,9 отсто и има тенденција таа да продолжи да опаѓа, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски при посета на фирма основата преку мерките за самовработување од овој план.
До крајот на актуелниот мандат на Владата, рече премиерот, ќе се постигне невработеност од под 10 отсто.
Поради добрите резултати минатата година, нагласи премиерот, во Буџетот за 2022 година се обезбедени 1,72 милијарди денари токму за мерките од Оперативниот план.
Фирмата основата преку овие мерки во 2018 година, која ја посети Ковачевски е „Метал Декор Дизајн“, а во обиколката премиерот го придружуваа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати.

„Игор Младеновски ја искористил финансиската поддршка од мерката за вработување и во 2018 година ја основал компанијата ’Метал Декор Дизајн‘ за изработка на внатрешен и надворешен ентериер, изработка на огради, натстрешници и браварски услуги. На средбата тој го информираше премиерот Ковачевски дека од основањето до денеска ’Метал Декор Дизајн‘ е во постојан развој и сега има 12 вработени (10 вработени и 2 корперанти) и набавена опрема која овозможува ширење на листата на услуги“,
велат од Владата.
Ковачевски, додаваат оттаму, очекува дека благодарение на овие мерки наредниот период ќе има уште вакви успешни бизниси.