Потпретседателот на опозициската партија, Александар Николоски, пак, преку социјалните мрежи денеска порача дека тие како партија понудиле државнички пристап, но СДСМ води негативна кампања и лаже дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило нешто. Затоа, посочи тој, решение се избори

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, од партиска трибина во Кавадарци го поздрави тоа што, како што вели, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги прифатил уставните измени.
„Сега имаме нов момент на политичката сцена во земјата и нова реторика, целосно различна од она што досега го слушавме, ’Не‘ стана ’да‘, прифаќањето на уставните измени од страна на Мицкоски и промената на ставот е за доброто на државата и го поздравувам“,
рече Ковачевски.
Новиот момент, оцени тој, можеби им дошол како шок во ВМРО-ДПМНЕ, но лидерот на СДСМ вели дека имаат разбирање за тоа.
„Една година гледавме протести, молотови коктели врз Собранието, обвинувања за бугаризација, асимилација, го палеа договорот во Собранието, свиреа со вувузели. Цела година слушавме изјави како се на браникот, се потпишуваа нотарски изјави на пратениците дека нема да поддржат уставни измени, маички со ’НЕ‘ носеа. Во Собранието не можеше да се слушне ниту мојот глас ниту гласот на пратениците. Но јас бев убеден дека вистинскиот глас ќе го слушнат и ќе се приклучат на праведната цел. Затоа што праведна цел е да обезбедиме европска иднина за нашите сегашни и идни генерации“,
рече Ковачевски.
Во целата оваа ситуација, лидерот на СДСМ рече дека има и лични моменти за него бидејќи цело време бил обвинуван за бугаризација и асимилација, но подготвен е да помине преку тоа и да се формира влада во која ќе бидат и социјалдемократите и ВМРО-ДПМНЕ.
„Подготвен сум да поминам преку тоа, за доброто на земјата. Знаеме ние дека опозицијата и во други прилики менувала став. Овој пат, промената е за добро на државата. И затоа го поздравувам“,
вели Ковачевски.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, и вчера и денеска ги повикаа СДСМ и премиерот наместо да го замајуваат членството да кажат кој е двата предлози на Мицкоски е прифатлив за нив.
„Ковачевски да не манипулира со своето членство, и со граѓаните, да се охрабри и да каже кој предлог го прифаќа:
1. Одложено важење на уставните измени кога Македонија ќе стане членка на ЕУ и преодна влада без ДУИ;
2. Избори на есен, гаранции од ЕУ институциите за македонскиот многувековен идентитет, пакет помош од Европската Комисија за македонската економија и граѓани и барање до Бугарија да имплементира барем три пресуди од ЕСЧП поврзани со Македонците во Бугарија. И по изборите партијата која ќе биде опозиција да ја поддржи владата и државата во спроведување на овие чекори“,
наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.
На темата денеска се огласи и потпретседателот на опозициската партија, Александар Николоски, кој преку социјалните мрежи порача дека тие како партија понудиле државнички пристап, но СДСМ води негативна кампања и лаже дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило нешто. Затоа, посочи тој, решение се избори.
„Прифаќање на бугарски диктат нема, но може да има заштита на националните интереси и наместо да се приклучат одлучија да прават негативна кампања со невистини демек ВМРО ДПМНЕ прифатил нешто, а јасно е година дена дека не прифаќаме ништо од нивните лоши одлуки за Македонија! Ние понудивме државнички пристап, а тие примитивизам и предавства. Нас Македонија, а на СДСМ Бугарија. Тоа е разликата! Избори се решение, колку побргу заминат толку побргу ќе огрее сонцето за Македонија! Народот да каже за иднината на Македонија како врховен судија во политиката“,
реагираше Николоски.