Тој немаше одговор на прашањето кој е планот на Владата доколку не се изгласа потребата од носење на уставните измени, односно ако не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, имајќи го предвид вчерашниот јасен став на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да поддржат уставни измени, како што рекоа, во ваков формат и под бугарски диктат
Во пресрет на утрешната собраниска седница на која на дневен ред ќе се најдат уставните измени, премиерот Димитар Ковачевски порача дека тие се императив за секој граѓанин на оваа држава и нагласи дека бројката од 80 пратеници не ѝ е потребна на Владата.
„Двотретинското мнозинство е императив за секој граѓанин. Ние како држава се стремиме да ги исполниме европските вредности и затоа кога ќе кажеме 80 пратеници, тие не се потребни за Владата, тие се потребни за граѓаните. Кога почна целиот процес, повеќе се правеше хистерија дека државата ќе стане бугаризирана, ќе имало асимилација, ќе сме го изгубеле јазикот… ништо од тоа не се случи после една година“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Дата мастерс“ во Скопје.
Тој повтори дека Северна Македонија има потврда и признание за идентитетот и јазикот од најголемиот сојуз, а тоа е Европската Унија.
„Бараа гаранции дека големите држави стојат зад нашиот идентитет. Германија донесе резлоуција во Бундестагот, САД во Конгресот донесе резолуција во однос на славењето на македонскиот јазик, култура и идентитет. Нема поглеми партнери кои можат да застанат зад вас од Гермнаија и САД и се разбира, Европската комисија, претседателот на Европскиот совет кој кажа во Скопје дека Преговарачката е многу јасна“,
потенцира премиерот.
Според него, десетдневната дебата во Собранието е добра можност граѓаните да видат дека ова е процес за остварување на втората стратешка цел на државата, по членството во НАТО, и дека „што побрзо го направиме тој процес, толку побрзо ќе станеме членка на ЕУ“.
„Ќе се отвори дискусија во Собранието, бидејќи во однос на амандманите немаше никаква забелешка од причина што тие не задираат во ниту едно идентитеско прашање на македонскиот народ. Имаше дискусии и во МАНУ, каде немаше ниту една забелешка. За првпат, ветото на нашата држава не доаѓа од надвор, туку може да дојде од внатре“,
рече Ковачевски.
Тој немаше одговор на прашањето кој е планот на Владата доколку не се изгласа потребата од носење на уставните измени, односно ако не се обезбеди потребното двотретинско мнозинство, имајќи го предвид вчерашниот јасен став на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да поддржат уставни измени, како што рекоа, во ваков формат и под бугарски диктат.
Наместо да даде одговор, Ковачевски ги искритикува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дека немале објаснување за тоа зошто нема да поддржат уставни измени.
„Кое е објаснувањето на ВМРО-ДПМНЕ зошто е против, нема во соопштението. Уставните измени не се бугарски диктат, тоа е Преговарачка рамка донесена од ЕУ“,
рече премиерот.
Пленарната седница на Собранието на С Македонија е закажана за 18 август и на неа треба да почне расправата за уставните измени. Измените, со кои Бугарите треба да влезат во Преамбулата на Уставот, се услов за одржување на Втората меѓувладина конференција меѓу С Македонија и Европската Унија, во рамките на преговорите за членство во Унијата, што земјава ги почна лани во јули.
За одлуката за донесување на уставните измени, како еден од првите чекори за отворање на Уставот, потребно е двотретинско мнозинство, односно гласовите на 80 пратеници, кои владејачкото мнозинство засега ги нема, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврство останува на ставот дека нема да поддржи „уставни измени под бугарски диктат“.