Сметам дека и новите барања кои ги имаат синдикатите, секако во согласност со можностите на буџетот, ќе бидат разгледани и се надевам дека во иднина ќе најдеме решение, вели Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски, пред утрешните најавени протести на повеќе синдикати, вели дека тимот што работи на социјално-економскиот дијалог во Владата ќе продолжи да има средби со претставниците на синдикатите и согласно буџетските можности ќе бидат реализирани барањата кои ги имаат.
„Такви средби имало и во минатото и преку таков дијалог успеавме да дојдеме до нов општ колективен договор кој предвиде и беа направени зголемувања на платите за 10 отсто во целиот јавен сектор и беше исплатен К-15 за оваа година“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања при неговата денешна посета на компанија во Скопје.
Тој потсети дека идната година К-15 ќе биде зголемен и ќе изнесува една третина од просечната плата, која е достигната до 37 илјади денари. На таков начин, рече Ковачевски, успеавме да дојдеме до методологија за зголемување на минималната плата која во првиот квартал во 2024 година ќе порасне на 22 500 денари.
„Сметам дека и новите барања кои ги имаат синдикатите, секако, во согласност со можностите на буџетот, приходната и расходната страна на буџетот, ќе бидат разгледани и се надевам дека во иднина ќе најдеме решение. Правото на штрајк е загарантирано право, тоа постои отсекогаш и нормално дека синдикатите ќе продолжат да разговараат со претставниците на Владата како и во минатото“,
рече Ковачевски.
На прашањето дали Работната група за намалување на функционерските плати има доставено некаков предлог и дали тие пари можат да се пренаменат за барањата на синдикатите, Ковачевски одговори дека тие финансиски средства не можат да ги покријат барањата кои постојат.
„Работната група сè уште нема излезено со предлог. Во однос на функционерските плати треба да се менуваат седум закони, при што кај дел од функционерите постојат законски одредби дека не може да се намалува платата. Постојат такви одредби, на пример, кај платите на судиите, во тие делови од законите, делот за пратениците е регулиран со закон за пратеници. Затоа велам дека се работи за комплексно решение кое на крајот од денот треба да донесе правичност во плаќањето на трудот согласно и одговорностите кои секој ги има во државата. Ние бевме во ситуација во којашто претседателот на државава имаше помала плата од секретарка во АЕК и сметам дека тоа е исто така дисбаланс, којшто треба да се адресира на соодветен начин“,
додаде премиерот.
За најавите од некои институции дека нема да работат, тој изрази надеж дека нема да дојде до парализирање на целата држава, нагласувајќи дека тие платата ја добиваат од граѓаните, кои очекуваат услуга од нив.
„Се надевам дека нема да ја парализираат државата бидејќи секој оној кој работи во јавна управа, тој дава услуга на тие што му ја исплаќаат платата. Таа плата ја плаќаат граѓаните кои очекуваат услуга. Затоа и синдикатите треба да имаат пред себе дека услуга даваат на тие што ги обезбедуваат нивните финансиски средства, а тоа се даночните обврзници на Северна Македонија“,
рече Ковачевски.
Во однос на антикризните мерки кои се најавуваат дека ќе бидат донесени, Ковачевски рече дека ресорните министерства се во финална фаза на подготовка на антикризните мерки со коишто ќе бидат опфатени најранливите категории граѓани и додаде дека во наредниот краток период тие ќе бидат презентирани.