Ковачевски истакна дека на таков „политички пироман“ не смее да му се дозволи да го прекине европскиот пат на нашата земја
Македонскиот премиер рече оти смета дека Собранието има капацитет да го продолжи патот кон ЕУ на земјава и нема да биде причината за враќање на државата во изолација
Резонирајќи на истото прашање, албанскиот премиер Рама посочи дека само слабоста и кратковидоста можат повторно да создадат проблеми во земјава и додаде дека во македонскиот Устав има голем број малцинства и тој претставува модел кој е многу добро познат
За премиерот Димитар Ковачевски, најголемата опасност за патот на С Македонија кон Европската Унија се политичката партија Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев, кој е против евроатлантските интеграции на земјава, а во тие свои политики, како што истакна, како заложник го има земено лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е „слаб и без став“.
Ковачевски истакна дека на таков „политички пироман“ не смее да му се дозволи да го прекине европскиот пат на нашата земја.
„Откако го почнавме скринингот-процесот (со Европската Унија н.з.) и почна дискусијата за уставни измени многу размислував и дојдов до заклучок дека вистинската опасност за европскиот пат на нашата држава доаѓа од една политичка партија, која во својата програма е против членството во ЕУ, НАТО, против Берлинскиот процес и Отворен Балкан. Тоа се партијата Левица и нејзиниот лидер Димитар Апасиев. Уште поголема опасност е тоа што тој во заложништво го зема претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тој е слаб, без став и без визија. Таков човек без став и без одлучност може да биде земен во заложништво и тоа се случува во моментов во македонската опозиција. И сметам дека на таков политички пироман не смее да му се дозволи да го прекине европскиот пат на нашата земја“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања околу уставните измени на заедничката прес-конференција со својот албански колега Еди Рама, кој денеска со својот кабинет е во земјава на заедничка владина седница.
Одговарајќи на прашањето за уставните измени, македонскиот премиер рече оти смета дека Собранието има капацитет да го продолжи патот кон ЕУ на земјава и нема да биде причината за враќање на државата во изолација.
Во тој контекст, Ковачевски посочи сите 120 пратеници имаат одговорност да донесат одлука со која ќе им обезбедат иднина на своите деца и на децата на своите роднини и пријатели.
„Тие уставни измени се токму за продолжување на европскиот пат на државата. Сега зависи исклучиво од нас. Сега зависи од тие 120 пратеници. И, ако ме прашате, во Собранието има 120 пратеници, не 80, не 90, не 110, има 120 кои сите имаат одговорност пред своите деца пред децата на нивните пријатели и роднини да однесат одлука со која ќе им обезбедат иднина која ќе значи членство во ЕУ. Јас знам дека тој пат нема да биде лесен за Северна Македонија нема биде лесен ниту за Албанија, тоа е пат на менување на општеството на подобро, ама на крајот на тој пат, на секој тежок пат е големата награда, а тоа е членството во ЕУ. Затоа сметам дека нашето Собрание има капацитет да го продолжи европскиот пат на државата, а нема да биде причина да се враќаме три чекори назад во изолација, кога нема да знаеме што не очекува секој утрешен ден. Знам дека нашите пратениците ќе донесат правилна одлука“,
порача Ковачевски.
Резонирајќи на истото прашање, албанскиот премиер Рама посочи дека само слабоста и кратковидоста можат повторно да создадат проблеми во земјава, додавајќи дека во македонскиот Устав има голем број малцинства кои што се внесени и претставува модел кој е многу добро познат.
„Тоа треба само да се надополни и тоа е многу едноставно“,
рече Рама.
Тој додаде дека и албанската држава признава не мал број малцинства меѓу кои има и бугарско.
„Ние во Албанија признаваме не мал број малцинства вклучувајќи го и бугарското малцинство кое има свое присуство, скромно но постои. Напротив ние сметаме дека малцинствата се едно богатство многу значајно и тоа е пред се во наш интерес, тие да се чувствуваат што подобро во нашата земја и да не чувствуваат дека постои разлика во однос на останатите граѓани“,
посочи Рама.
Албанскиот премиер рече оти смета дека С Македонија нема да се врати во минатото и да се самоизолира, додавајќи дека за него би било фатално доколку се случи враќање во историјата.
„Верувам дека народот тука е многу попаметен, како и секаде во светот од политичарите. Не можеш да тргнеш неколку чекори во нова епоха, а потоа да се вратиш во старата. Се гледа со многу голема почит и со едно убедување дека се направени епохални напори во однос на евроатлантскиот пат и тоа има едно големо значење за сите, за економијата, за социјалниот развој и за сите внатрешни процеси. За мене ќе биде фатално да имаме враќање назад да бидеме затворени во историјата. Тоа што е минато е минато и не треба да биде никаков проблем тоа што голем број малцинства се вклучени во вашиот Устав, тоа е значајно и не треба да се остави ниту еден човек да биде надвор од тој Устав“,
рече албанскиот премиер Еди Рама.