Мојата земја е целосно подготвена да ги спроведе сите преземени обврски од Преговарачката рамка, вклучувајќи ги истовремено сите човечки и институционални капацитети, кажа премиерот Димитар Ковачевски на првата меѓувладина конференција
Со нетрпение го чекаме денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Унијата, порача Ковачевски во Брисел
Премиерот Димитар Ковачевски се обрати на македонски јазик на денешната меѓувладина конференција, оценувајќи дека ова е историски ден за нашата држава.
„Во име на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија, ми претставува исклучителна чест што ја имам можноста да се обратам на мојот мајчин, македонски јазик на денешната долгоочекувана и сосема заслужена меѓувладина конференција, со која ги отвораме преговорите. Со оваа меѓувладина конференција, Северна Македонија започнува последна етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија. Денешниот ден е историски за нас, долго очекуван и заслужен. После 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон, за којшто долги години посветено се работело. За остварување на оваа стратешка цел ние направивме многу, донесовме мудри, храбри, државнички одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани за мене е најголем чин на патриотизам“,
кажа премиерот во воведното обраќање.
Ковачевски посочи дека патот до пристапните преговори бил долг, но и дека проширувањето е една од најуспешните политики на Европската Унија, каде интеграцијата на Западен Балкан е неопходна.
„Политиката на проширување и во моментот најдиректно придонесува за одржување на мирот и стабилноста на Западен Балкан“,
кажа Ковачевски во контекст на актуелната руска агресија во Украина.
Премиерот посочи дека Северна Македонија работи активно за да изгради општество во кое има место за сите, а постојано ги унапредува и добрососедските односи. Кажа дека земјата останува искрено посветена на ефикасно спроведување на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, во добра волја.
„Идентичен и конзистентен однос очекуваме и од нашите соседи и партнери. Во овој контекст, мојата земја е целосно подготвена да ги спроведе сите преземени обврски од Преговарачката рамка, вклучувајќи ги истовремено сите човечки и институционални капацитети. Почитувани колеги, Северна Македонија е земја на пријателство и соживот. Во таа смисла и во тој дух и денеска сме тука и гордо стоиме рамо до рамо со нашите партнери во ЕУ. Делиме исти вредности, а отсега ќе делиме и европска иднина со безусловно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ и неговите јазични, идентитетски, историски и културни особености. Драго ми е што за овие прашања, како и за билатерални прашања кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство, нема да се разговара во текот на преговорите, како што недвосмислено го потврди тоа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Собранието на Република Северна Македонија“,
кажа Ковачевски.
Тој истакна дека е горд што македонскиот јазик ќе биде јазик на кој ќе се води процесот на преговарање за пристапување, вклучувајќи го и самиот договор за пристапување во ЕУ.
„Со нетрпение го чекаме денот кога со полноправно членство на Северна Македонија во Европската Унија, македонскиот јазик ќе е еден од службените јазици на ЕУ, еднаков со сите останати 24 официјални јазици на Унијата“,
посочи Ковачевски.
Премиерот рече и дека македонското законодавство е речиси 45 проценти усогласено со европското, а пристапните преговори ќе бидат само дополнителен поттик да се забрзаат и продлабочат овие процеси. Тој порача дека сите релевантни институции се подготвени да придонесат во скрининг-процесот.
„Свесни сме дека времетраењето на преговорите ќе зависи првенствено од спроведувањето на неопходните реформи, како и од способноста на ЕУ да може да го поддржува и продлабочува својот сопствен развој, гарантирајќи го својот капацитет за интегрирање нови членови. Во оваа смисла, Северна Македонија преку интензивна и посветена работа, има за цел да биде потполно подготвена да ги преземе обврските од членството во ЕУ до крајот на 2030 година за да може да стане земја членка на ЕУ до почетокот на следниот буџетскиот период на ЕУ“,
додаде премиерот.
За времетраењето на преговорите, премиерот потенцираше дека Владата на Северна Македонија како и досега ќе се придржува кон начелата на транспарентност и инклузивност на сите општествени чинители.