Според податоците, кои ги објави и Владата, во според со просечната плата во јануари лани се бележи зголемување за 1 708 денари или за шест отсто

Владата на СДСМ е на чекор од исполнување на едно од најважните предизборни ветувања – просечна плата од 30 000 денари (500 евра), вели премиерот Димитар Ковачевски откако и од Владата се пофалија со најновите податоци од Државниот завод за статистика дека во јануари годинава просечната нето-плата во земјава изнесувала 29 980 денари.
„Мерките за раст на плати и добрите економски политики, овозможија и во услови на двегодишна пандемија платите континуирано да растат. Остануваме посветени на растот на приходите и поддршка на сите граѓани. Покрај платите растат и пензиите, а обезбедуваме и финансиска поддршка за ранливите категории на граѓани во услови на криза. Преку 400 милиони евра се обезбедени за мерки кои значат повеќе приходи и полесно пребродување на економските предизвици со кои се соочуваме“,
вели Ковачевски.
Според податоците, кои ги објави и Владата, во според со просечната плата во јануари лани се бележи зголемување за 1 708 денари или за шест отсто.
„Согласно статистика, зголемувањето се должи пред сè на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (13.9%), Други услужни дејности (13.8%) и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (11.0%)“,
наведоа од Владата.
Во споредба со пред пет години, пак, растот е 7 230 денари со оглед дека во јануари 2017 просечната плата изнесувала 22 750 денари.