Лајчак и Ковачевски на средбата констатирале дека неуспехот на Северна Македонија ќе биде и неуспех на Европската Унија

Актуелните политички прашања во Северна Македонија и регионот и нивните импликации во поширок безбедносен контекст биле тема на разговор на средбата на премиерот Димитар Ковачевски со специјалниот претставник на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак во Њујорк.
На средбата, Ковачевски и Лајчак заеднички констатирале дека е неопходно да се задржи европскиот курс, со следниот чекор во претстојниот период, со цел државата да го осигура развојот, како и да придонесе во европската стабилност, а за што земјата има силна поддршка во Европската Унија.
„Во таа насока, од Северна Македонија се очекува да го задржи приматот на регионален лидер во интеграциите, како пример за решавање предизвици преку мудро лидерство и дијалог и за другите држави во Западен Балкан“,
се наведува во владиното соопштение испратено по средбата.
На средбата заеднички е оценето дека секое поинакво дејствување на политичките субјекти во Република Северна Македонија надвор од европската агенда, ја загрозува европската определба на државата.
„Со тоа, го доведува во прашање квалитетот на живот на македонските граѓани и ја става земјата во извесна изолација на долг рок, со што задира и во пошироките стратешки цели за одржување на регионалната и европската стабилност, посебно во актуелниот геополитички контекст“,
се додава во соопштението.
Лајчак и Ковачевски, на средбата констатирале дека неуспехот на Северна Македонија ќе биде и неуспех на Европската Унија.
Вчера и германскиот канцелар Олаф Шолц му порача на премиерот Димитар Ковачевски дека Германија ја очекува Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ), а европскиот пат е единствената алтернатива за земјата.
