Коментирајќи го ставот на Црвенковски дека засега нема простори за голем оптимизам околу членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ во следните неколку години, конкретно дека тоа е можно до 2030 година, Ковачевски рече дека тука голема улога игра временската перспектива од која се гледа на предизвиците
Во врска со иницијативата на Црвенковски, која според поранешниот претседател и премиер значи регионот да побара од Брисел пристап до заедничкиот пазар и европските фондови, актуелниот премиер вели дека на овие теми се разговарало и се разговара со претставниците на Европската Унија
Корисно и вредно за анализирање. Вака премиерот Димитар Ковачевски го оценува вчерашното излагање на поранешниот претседател на државата и премиер Бранко Црвенковски, кој на настан организиран од Советот на амбасадори упати критики за бавноста на евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и С Македонија, и изнесе свои идеи и иницијатива за негово забрзување.

„Сметам дека тоа беше корисно излагање кое треба да се проанализира. Јас со големо внимание ги следам изјавите на секој поранешен претседател и премиер на државата бидејќи тие извршувале важни функции и воделе значајни процеси во нашата држава, особено претседателот, премиер и поранешен претседател на партијата (СДСМ) која јас ја предводам. Да не заборавиме, г. Црвенковски беше премиер осум години и беше претседател на државата пет години, што се 13 години извршување врвни позиции во државата и тој секако дека прво има поминато многу искуства во текот на своите мандати и има учествувано во носењето голем број одлуки“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања по денешното одбележување на јубилејот 70 години од постоењето на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“.
Коментирајќи го ставот на Црвенковски дека засега нема простори за голем оптимизам околу членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ во следните неколку години, конкретно дека тоа е можно до 2030 година, Ковачевски рече дека тука голема улога игра временската перспектива од која се гледа на предизвиците.
Гледано од денешна перспектива, Ковачевски вели дека и понатаму верува дека членството на земјава во ЕУ до 2030 година е остварила цел.
„Кога ќе погледнете од временска перспектива, тогаш во еден момент може да ви се чинат некои работи неостварливи или тешко остварливи. Јас сум разговарал со негови колеги кои биле советници во неговиот кабинет, а се мои блиски пријатели, кои велат дека за нас од временска перспектива од тогаш беше практично несфатливо дека може да се дојде до договор со Грција и државата да стане членка на НАТО. Меѓутоа, од оваа перспектива денес гледаме дека можело да се постигне договор и да станеме земја членка на НАТО. Исто така, никој не очекуваше или немаше толку многу оптимисти дека минатата година ќе добиеме преговарачка рамка по 17 години чекање, меѓутоа ние на крајот на денот заедно со пратениците во Собранието и со 27-те земји членки на ЕУ усвоивме преговарачка рамка. Така што јас верувам дека ние до 2030 година може да бидеме членка на ЕУ доколку ги донесеме одлуките кои се очекуваат од нас и подоцна да го довршиме процесот на скрининг, да ги отвориме и затвориме поглавјата, за тоа веќе постои поддршка и отворен прозорец од страна на ЕУ во светло на овој геополитички момент во кој се наоѓаме сега по војната во Украина од неоправданиот напад на Русија“,
изјави Ковачевски.
Во врска со иницијативата на Црвенковски, која според поранешниот претседател и премиер значи регионот да побара од Брисел пристап до заедничкиот пазар и европските фондови, актуелниот премиер вели дека овие теми се разговарале и се разговараат со претставниците на Европската Унија.
„Ако ја погледнете и изјавата на Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија којашто ја даде непосредно пред нашата заедничка средба што ја имав со неа во Братислава на ‘Глобсек форумот’ тогаш исто така се зборува за одредено приклучување кон заедничкиот пазар, кон поголема достапност на државите од Западен Балкан и Југоисточна Европа во европските фондови пред пристапувањето, значи не е тоа замена за никакво пристапување, меѓутоа подобрување на перформансите и капацитетите на државите за пристапување“,
рече Ковачевски.
Како уште еден пример тој го посочи и податокот што го изнеле со албанскиот колега Еди Рама за големиот диспаритет во структурната помош што ја добиваат земјите членки ЕУ и земјите кандидатки за членство од европските фондови.
„Ако се сеќавате кога зборувавме, јас и премиерот на Албанија тогаш истакнавме еден многу значаен податок, а тоа е дека земјите кои се членки на Европската Унија, а се наоѓаат во Југоисточна Европа, споредно со земјите кои се кандидати од истиот регион, значи зборувам тука за нашите соседни држави структурната помош која ја добиваат од европските фондови е 11 пати поголема по глава на жител во земјите членки во однос на земјите кои се кандидати. И затоа ние тоа јавно го кажавме и на секој состанок со Европската Унија истакнуваме дека тоа треба да се намали бидејќи на таков начин ќе се намали и јазот меѓу државите кандидати и државите кои се членки на Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Поранешниот претседател на настанот вчера, образложувајќи ја својата иницијатива за пристап до заедничкиот пазар и до европските фондови, презентира два начина како да се постигне тоа. Едниот, рече, е да се искористи постојната Европска економска област.
„Да се потсетиме оваа организација е основана на 1 јануари 1994 година врз основа на договорот меѓу земјите членки на ЕФТА и во тоа време европската заедница, денес ЕУ. Со овој договор денес се овозможува Исланд, Лихтенштајн и Норвешка да учествуваат во внатрешниот пазар во ЕУ и без членство во ЕУ. За возврат тие се обврзани да ги усвојат и спроведуваат сите закони на ЕУ кои се поврзани со единствениот пазар освен законите поврзани со земјоделство и рибарство. Дека членството во европската економска област не е никаква кочница за полноправно членство во ЕУ говори примерот на Австрија, Финска и Шведска кои во 1995 како поранешни членки на ЕФТА станаа полноправни членки на ЕУ“,
рече Црвенковски.
Втора варијанта со која би се избегнале сложените процедури за прием на нови членки во европската економска област, а истовремено би се овозможил и пристап до европските фондови, според него, е доколку ЕУ истовремено потпише нов посебен договор со сите земји од Западен Балкан и со него би се овозможило учество на заедничкиот европски пазар и можност за користење на европските фондови.
