Ковачевски вели дека ќе чекаат одговор од Собранието кога претставниците од Владата да одат и на која комисија да го презентираат договорот

Премиерот Димитар Ковачевски има испратено писмо до претседателот на Собранието со кое го информирал дека тимот на Владата е подготвен на комисија или на тело кое што ќе го определи Собранието веднаш да отиде и да го презентира договорот со „Бехтел и Енка“ со сите детали, пред сите пратеници кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат.
„Дел од пратениците испратија писмо до Владата со кое бараат да им се достави и да се запознаат со овој договор. Јас веќе одговорив до претседателот на Собранието, но не знам дали го има примено во неговата архива бидејќи знам дека беше на службен пат“,
рече Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање.
Ковачевски вели дека штом ќе имаат одговор од Собранието, претставниците од Владата се подготвени веднаш да отидат бидејќи, сепак, на владините претставници треба да им се каже во која комисија треба да го презентираат договорот.
На прашањето дали Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) го доставило договорот до Јавното обвинителство, Ковачевски за одговор рече дека треба да се побара од овие две институции, а Владата, како што потсети, веќе го задолжи ЈПДП да го достави договорот до Обвинителството.
Минатата недела деветмина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои поседуваат безбедносни сертификати, упатија писмено барање до премиерот Димитар Ковачевски да им го достави договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во изјава за медиумите рече дека тие како претставници на граѓаните бараат во најкус можен рок да им биде доставен договорот и оти тоа барање го поднеле врз основа на чл. 68 од Уставот (Собранието врши контрола над Владата), членот 122 од Деловникот на Собранието и Законот за класифицирани информации, кој е заснован на принципот „потребно е да се знае“, кој ја утврдува потребата за пристап до класифицирани информации заради извршување на функцијата.
Еден ден потоа, од Владата најавија дека нејзини претставници и членови на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д ќе ги презентираат документацијата и деталите од договорот за изградба на овие два коридори, во соодветна собраниска процедура.
Увид во договорот, според владиното соопштение, ќе имаат пратениците со безбедносен сертификат.
Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за ТВ Сител, минатата недела, рече дека договорот ќе биде презентиран на пратениците во Собранието кои го донеле специјалниот закон врз основа на кој се спроведени сите процедури за изведба на ова автопатско решение, Коридор 8 и Коридор 10-д, и каде што членовите на Владата, кои се од ресорните министерства и членовите на Комитетот за изградба на коридорите 8 и 10-д, во детали со договорот пред нив, ќе им презентираат на сите пратеници она што е потребно за да можат да ги носат наредните одлуки
Според премиерот, пратениците ќе се уверат дека договорот е направен согласно Законот кој тие го предложиле и го изгласале и дека ќе почнат работите на коридорите 8 и 10-д и нашата држава конечно ќе ги изгради овие коридори.