Половина милијарда евра пари за граѓаните во моментов ВМРО-ДПМНЕ блокира во Собранието. Јас не гледам зошто би одговорил на барањето на Мицкоски за телевизиски дуел затоа што не го интересира дебата туку блокирање на процесите во државата. Нека ги откочи тие закони во собранието, а за ТВ дуел има време, вели Ковачевски

Има време за ТВ дуел, кога ќе дојде време за тоа ќе имаме. Ќе имаме избори па ќе имаме дебати, рече премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на барањето на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за телевизиско соочување.
„Половина милијарда евра пари за граѓаните во моментов ВМРО-ДПМНЕ блокира во Собранието, јас не гледам зошто би одговорил на барањето на Мицкоски за телевизиски дуел затоа што не го интересира дебата туку блокирање на процесите во државата“,
рече Ковачевски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
Ковачевски кажа и зошто не би одговорил на тоа барање на лидерот на опозицијата, бидејќи, како што рече, Мицкоски воопшто не бара дебата.
„Прво, еве за најновата тема која што е отворена кај нас а тоа е договорот за изградбата на коридорите 8 и 10-д, договорот со конзорциумот ‘Бехтел и Енка’ бараа дебата во собранието, го испративме договорот во Собранието, две недели не сакаат да закажат комисија. Потоа бараа дебата за уставните измени, не прифатија да бидат дел од комисијата за уставни измени каде што се води дебатата. Потоа имаме тимови за преговори со ЕУ, каде што од прв ден ја поканивме опозицијата, не учествуваат а таму е место за дебата. Потоа имавме почеток на преговори со ЕУ каде што во преговорите исто така одбија да учествуваат, а можеа да ги кажат своите ставови“,
додаде Ковачевски.
Единствено нешто кое што го интересира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски, не можам да кажам за целата партија, е блокирање на сите процеси во државата.
„Во собранието имаме блокирани половина милијарда евра пари за граѓаните. Финансиски средства од ЕИБ, финансиски средства од ЕБОР со исклучително поволни камати, закони за солидарност. Еве јас јавно кажувам, нека ги откочи тие закони во собранието, а за ТВ дуел има време“,
рече премиерот.
Според него не може институционалната дебата да се заменува со лидерски средби и дебати.
„Имаме институции во кои треба да се води дебата. Ние не можеме институционалната расправа и дебата постојано да ги заменуваме со лидерски средби и со дебати по телевизии. Автопатишта, поволни кредити, институционални реформи не се прават на лидерски средби и не се прават на ТВ дебати. Тие се прават во собранието, Владата, во соодветни министерства. Затоа ги повикувам уште еднаш претставниците на опозицијата, доколку им дозволи Димитар Апасиев, бидејќи тој ја води дискусијата во опозицијата, да се приклучат кон процесите кои значат унапредување на државата и интеграција во ЕУ“,
рече премиерот Ковачевски во вечерашното интервју.
На прашањето за неговото последно патување во САД, каде со него биле и сопругата и децата, Ковачевски рече дека за сите патувања на кои оди претседателот на Владата или други високи претставници на државата постојат законски одредби во Законот за надворешни работи и во процедурите на Владата.
„На средбите каде јас присуствувам, согласно со протоколите и поканите, ме придружува сопругата таму каде што постои настан и потреба за тоа. Таков беше случајот минатата година на состаноците на Обединетите нации, така беше и сега на состаноците во ОН по повод 30 години од членството на Северна Македонија. Дел од делегацијата беше и мојата сопруга за што постои и соодветна одлука. Во однос на приватните патувања на другите членови на моето семејство тие никогаш не биле покривани од буџетот и како и сите други деца и тие имаат право да патуваат и тоа често го прават, особено мојот син кој игра фудбал“,
одговори Ковачевски.