Според премиерот, за С Македонија дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија, кој, како што рече, е единствен што во моментов го има државата, а е даден во стопроцентен закуп на „Газпром“ од страна на Бугарија
Таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија во износ од повеќе од 10 евра за мегават час е нелегално воведена такса која треба да се отстрани, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во владата на Србија заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ.

Најави дека С Македонија како држава ќе ги искористи сите правни можности кои ѝ стојат на располагање за нејзино отстранување.
„Се работи за нелегално воведена такса, која треба да се отстрани или да биде зголемен капацитетот на постоечкиот гасовод со што би се овозможило земјава да се снабдува од други извори. Ние ќе ги искористиме сите правни можности кои ѝ се даваат на една суверена држава и пред ЕУ и пред другите меѓународни институции,
рече Ковачевски.
Нагласи дека се работи за нелегална такса која ЕУ ја вовела за транспорт на гасот низ Бугарија.
„Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја воведе Бугарија. Тоа е точно. Но, мораме да знаеме дека Бугарија е членка на ЕУ и не може таа од утрото да биде земја членка на ЕУ кога ќе стави на пример вето, а попладне да не биде членка и потоа да воведе такса од 10 евра за гасот кој се транспортира низ Бугарија“,
потенцираше Ковачевски.
Ние, посочи, ова прашање го упативме и до ЕУ и до Бугарија, а разговаравме и со бугарската влада.
„Она што Северна Македонија има како дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија, кој е единствен што во моментов го имаме, е даден во стопроцентен закуп на ‘Газпром’ од страна на Бугарија. Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да набавуваме и од други извори на гас покрај рускиот“,
истакна Ковачевски.
Премиерката Брнабиќ рече дека се согласува со ставот на Ковачевски и додаде дека за тоа очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.
„Во сè се согласувам со мојот колега Ковачевски и се разбира ќе работиме на ова заедно. Покрај тоа, ние наскоро, до крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград за да се приклучиме на алтернативни извори на гас. Предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се занимаваме со ова прашање. Како што рече Ковачевски, секако тука ја очекуваме и поддршката од ЕУ и разбирањето од колегите во Бугарија“,
посочи Брнабиќ.
Бугарија минатиот месец воведе данок од околу 10 евра за мегават час за рускиот природен гас што транзитира низ нејзиниот гасовод тврдејќи дека на тој начин ќе се намали привилегираната позиција на руски „Газпром“ во Југоисточна Европа и ќе го одврати руското влијание во регионот.
Тоа предизвика остри критики од Унгарија и Србија кои во голема мера зависат од рускиот гас што главно доаѓа преку Турција и Бугарија.
Унгарските власти ја повикаа Европската комисија да покрене прекршочна постапка против Бугарија поради новата такса што ја наметна за транспорт на рускиот гас што минува низ нејзина територија.
Шефовите на македонската и унгарската дипломатија Бујар Османи и Петер Сијарто пред неколку дена од Скопје најавија можна заедничка координација на владите на двете земји во насока на преземање конкретни дејствија и чекори со цел отстранување на таксата за руски гас што ја наметна Бугарија.