Со именувањето на Каја Шукова за министерка за животна средина и просторно планирање има 50 – 50, рамноправна застапеност на жени и мажи, на министерските позиции на кои се именувани кадри од СДСМ. Тука се и Бисера Костадиновска-Стојчевска и Јована Тренчевска. Таков е примерот и со директорските позиции каде што ја имаме Сања Лукаревска, рече премиерот
Само со тактичноста, вербата и одлучноста, какви што ги има само жената, државата може да ги реализира своите стратегиски цели, економски да се развива и да биде рамноправен член на европското семејство, порача Ковачевски

Еднакви и моќни жени не е само слоган, еднакви и моќни жени е перспектива, порача денеска претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на Осмомартовскиот марш кој во организација на Форумот на жени на СДСМ се одржа во Прилеп
„Еднакви и моќни жени се потреба на државата, како што се потреба на светот. Затоа ја имате мојата почит сите кои бевте столбови во семејствата дома и борци на теренот – кога требаше да се добие една од најважните битки во современа Македонија, обновата на демократските вредности. Почит и кон сите определени кон рамноправност и еднакви човекови права, со што обезбедивме мир во нашата држава и успешно градиме едно општество за сите, без разлика на какви било различности, кон сите вас кои сте и денес столбови на семејствата, но и столбови на државата –моторна, движечка сила, на прогресивна, современа атлантска и европска Република Северна Македонија“,
порача Ковачевски.
Претседателот Ковачевски порача дека само тактичноста, вербата и одлучноста, какви што ги има само жената, државата може да ги реализира своите стратегиски цели, економски да се развива и да биде рамноправен член на европското семејство.
Ковачевски истакна дека денес, во 21 век, кога повторно мирот и безбедноста се на испит, светот повторно се сврти кон упорноста, трпението, разбирањето и љубовта, преку коишто жената, мудро, носи одлуки и наоѓа решенија за предизвиците.
„И еве, таков е примерот во Владата сега. Со именувањето на Каја Шукова за министерка за животна средина и просторно планирање, има 50 – 50, рамноправна застапеност на жени и мажи, на министерските позиции на коишто се именувани кадри од СДСМ. Таков е примерот и со Сања Лукаревска, заменик претседателка на Социјалдемократскиот сојуз, која е и повеќегодишна, успешна директорка на Управата за јавни приходи. Таков е примерот и со Бисера Костадиновска-Стојчевска, потпретседателка на Социјалдемократскиот сојуз и министерка за култура. Таков е примерот и со претседателката на Форумот на жени, голем борец за рамноправноста по сите основи, Јована Тренчевска, актуелна министерка во ресорот под којшто спаѓаат родовите политики, Министерството за труд и социјална политика“,
рече Ковачевски.

Тој спомнена дека добро е што и Република Северна Македонија, сега, во услови на војна на европскиот континент, ја имаме министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Имавме жена министерка за одбрана и за време на зачленувањето на нашата држава во НАТО, тогашната заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска. Имавме и жена министерка на надворешни работи, меѓу основачите на СДСМ, сега починатата, но секогаш почитувана, Илинка Митрева – која имаше доволно доблест да застане на оваа раководна позиција, во врвот на конфликтот во Република Северна Македонија во 2001-та година, а потоа и да ја брани исправноста на Охридскиот рамковен договор“,
порача Ковачевски.
Ковачевски соопшти дека со коалициските партнери прави нови усогласувања што ќе ја унапредуваат родовата еднаквост – измени и дополнувања на Изборниот законик во правец на постигнување целосна родова еднаквост во листите за пратеници и советници.
„Измени и дополнувања во законот за Влада за воведување најмалку 40 проценти жени во извршната власт, а и измени и дополнувања на изборниот законик за воведување квота од 30 проценти од помалку застапениот пол за избор на градоначалници. Иницираме донесување родово сензитивен деловник за работа на Собранието и да биде до крајот на оваа година. Иницираме и законско регулирање на интернет просторот за спречување говор на омраза“,
рече меѓу другото Ковачевски при денешното обраќање во Прилеп.
Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јована Тренчевска, во обраќањето на маршот по повод 8 Март што се одржа денеска во Прилеп рече дека се унапредува положбата на жената во општеството, но дека има уште многу работа.
„Нашето учество во извршната и законодавната власт придонесе да донесеме многубројни закони со кои суштински ја афирмираме и ја унапредуваме положбата на жената во општеството, но има уште работа зашто и понатаму жените се најчесто жртви на говор на омраза, а женската солидарност сѐ уште не е на посакуваното ниво“,
рече Тренчевска.

Тренчевска потсети дека помина речиси четврт век на организирано дејствување на жените во СДСМ преку Форумот на жени. И не е случајно што годинашниов осмомартовски марш е во Прилеп, градот на хероините од НОБ и градот каде што се печател и првиот женски весник „Македонка“ како орган на АФЖ. Прва печатена публикација уредувана од жени и посветена на проблемите на жените во Македонија.
„Парламентот и општинските совети денес изгледаат сосема поинаку од пред две децении. Таму рамноправно сме застапени и подеднакво одлучуваме и ние жените за важните државотворни и животни прашања. За разлика од другите, жените од СДСМ подеднакво партиципираат и во извршната власт. Многубројни се достигнувањата, но мора да бидеме искрени и да си признаеме дека во некои области не ги постигнавме зацртаните цели“,
нагласи Тренчевска.
Според неа, евидентно е слабото учество на жените како кандидатки за градоначалнички, односно имаме само една жена избрана градоначалничка од нашите редови.
„Недоволен е бројот и на жени претседателки на ОО. Недоволен е бројот на жени менаџерки. И понатаму медумското претставување на жените е полно со стереотипи и предрасуди поврзани со родовите улоги.И понатаму жените се најчесто жртви на говор на омраза. Женската солидарност сè уште не е на посакуваното ниво“,
рече Тренчевска во обраќањето во Прилеп.
Заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, од Прилеп посочи дека родовата еднаквост мора да биде составен дел на секое современо општество и дека претстојат уште битки за целосна рамноправност.
„Ако некои мислат дека сите битки на жените се добиени, нека не го забораваат фактот дека патот до тука не бил ниту лесен ниту едноставен ниту пак дека патувањето е завршено. Жените се уште се жртви на сексуално вознемирување, на семејно насилство, на трговија, па дури и на најтешката форма на насилство – фемицид. Убиство на жената само зашто е жена. Можеби, како што велат, мажите не се плашат од смртта, но ние жените сигурно не се плашиме од животот. Зашто силата е во нашите срца, а таа сила, не прифаќа пораз. Затоа, Осми март е историски ден, но и повик на акција. Родовиот јаз постои. Родовата нееднаквост, исто така. Постојат и нееднаквите можности. Борбата за права на жените е борба за правата на сите, борба која преку правичноста како средство, ќе не доведе до крајната цел – еднаквоста“,
истакна Лукаревска.