„Делфи економскиот форум“ се одржува до 9 април под покровителство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу
Премиерот Димитар Ковачевски ќе ја предводи владината делегација на седмиот „Делфи економски форум“ во Грција што се одржува од денеска.
Од владината прес-служба најавија дека во рамки на посетата на Грција, премиерот Ковачевски ќе оствари средби и работни состаноци со лидери и истакнати политичари во светски рамки.
Во рамки на Форумот во различни денови учествуваат и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи и министрите за надворешни работи Бујар Османи, за финансии Фатмир Бесими, за економија Крешник Бектеши, за одбрана Славјанка Петровска и за животна средина Насер Нуредини.
„Делфи економскиот форум“ се одржува до 9 април под покровителство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу.
Организаторите на настанот информираат дека целта е да се покријат сите теми, а оваа година поради војната, голем дел ќе биде посветена на Украина, но и на геополитичките предизвици. На седмиот „Делфи економскиот форум“ насловен „Нова реалност“ потврдени се скоро 800 говорници од над 36 земји, а ќе бидат опфатени низа теми, како што се светската безбедност, глобалната економија, климатските промени, иднината на ЕУ, технологијата, здравството, општеството и културата.
