Основачите на СДММ денеска. Другарство, посветеност, визија. СДММ секогаш била движечка сила на СДСМ, движечка сила на прогресот. Има многу подмладоци, но само една е Младина, се вели во описот на фотографијата на која премиерот Ковачевски е фотографиран со поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска

Откако пред десетина дена објави фотографија со поранешниот премиер Зоран Заев, денеска претседателот на Владата и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски е фотографиран со поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Фотографијата, која е објавена на фејсбук-страницата на СДСМ, е направена денеска во градскиот парк во Скопје за време на вториот по ред саем за традиционална храна и пијалаци од македонската кујна „Вкуси ја традицијата“.
Во описот на фотографијата се вели дека на неа се основачите на Социјалдемократската младина на Македонија.
„Основачите на СДММ денеска. Другарство, посветеност, визија. СДММ секогаш била движечка сила на СДСМ, движечка сила на прогресот. Има многу подмладоци, но само една е Младина“,
се вели во описот.
Ковачевски, во објава на неговиот фејсбук-профил пред десетина дена, имаше поставено фотографии од средба со неговиот претходник Зоран Заев за која рече дека е од „координативен состанок на стратешкиот тим за европскиот пат“.
На тие фотографии можеше да се види дека на состанокот се и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ, професорот на Економскиот факултет и поранешен пратеник и партиски функционер, Игор Ивановски – Шема, шефот на кабинет на премиерот Мартин Попов, како и организациски секретар во СДСМ, Митко Трајчулески.
Ковачевски тогаш напиша дека координативниот состанок на стратешкиот тим е во оваа насока – да направиме сè, да овозможиме целосен државен и национален консензус за исполнување на определбата на огромното мнозинство граѓани, да станеме полноправна европска држава до 2030 година.
Ковачевски, минатата недела, во телевизиско гостување, рече дека партијата ги засилила своите активности во изминатиов период додавајќи дека е во контакт со поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска со која разменувале мислења и делела совети во областа каде најмногу се истакнала нарекувајќи ја „исклучително искусна и успешна во меѓународната политика“.
