Отворен Балкан не е завршена приказна, иницијативата даде многу видливи и опипливи резултати, соработката меѓу државите продолжува, порача премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама. За Ковачевски оваа иницијатива сè уште не ја завршила својата мисија за граѓаните и бизнисите и, како што рече, очекува и понатаму да нуди новини кои ќе им обезбедат и личен, но и развој на соработката меѓу земјите.
„За мене е особено важно што со оваа иницијатива покажа дека преку заедничка соработка може да се зголеми трговијата, размената меѓу земјите и таа и понатаму останува да биде комплементарна на процесите кои ги вклучуваат сите држави, пред сè мислам на Берлинскиот процес како и на сите други иницијативи кои постојат, ARCC, CEFTA, CEI итн“
рече Ковачевски.

Тој додаде и дека благодарение на Отворен Балкан, идната недела ќе има заедничка средба со премиерката Брнабиќ, на која ќе се промовира заеднички М-таг за патарините за сите граѓани по Коридорот 10.

Премиерот на Албанија, Еди Рама, додека зборуваше за иницијативата Отворен Балкан рече дека тоа дополнително придонесе за регионот и е една од 72 такви иницијативи што ги има овој регион. Според Рама, регионот треба да оди напред и не треба да се врати во минатото, а фокусот според него сега треба да биде на Берлинскиот процес.
„Илјада пати да се вратам назад, илјада пати ќе го основав Отворен Балкан. Не е иницијатива која исклучува, Отворен Балкан е една од 72 иницијативи. Видете ги придобивките, видете ги трговските придобивки. Берлинскиот процес е чадор во кој сакам да се фокусирам 100%. Воопшто не ми е јасно како се уште има сомнежи за ова кога фактите говорат јасно. Што се однесува до братството или крвопролевањето мислам дека тоа е најпогрешниот пат на албанската мисла денес. Нема попогрешен пат од тоа да продолжиш да живееме со минатото и згора на тоа, да се анатемираме меѓу себе, да се обвинуваме, да се расправаме кој е вистинскиот патриот“
потенцира Рама.

Двајцата премиери потенцираа дека на заедничката средба зборувале за подготовките за Самитот на Берлинскиот процес кој наесен ќе се одржи во Тирана, а се осврнаа и на соработката меѓу двете држави по заедничките владини седници. Не го изоставија ниту прашањето за полноправно членство во ЕУ.
„Заеднички и успешно соработуваме во рамки на НАТО алијансата, а активно соработуваме и во однос на имплементација на проекти во рамки на ИПА 2 програмата за прекугранична соработка. Патот во однос на нашата соработка е трасиран, и затоа во оваа можност и за крај сакам да посакам и јас и Еди и граѓаните на двете земји што поскоро да се радуваме заеднички на нови успеси и да ја оствариме нашата заедничка стратешка цел – полноправното членство во ЕУ“
порача Ковачевски.