Од денеска е пуштен во употреба „One stop shop“ на граничниот премин Ќафасан, концепт што треба да овозможи полесен проток за компаниите од двете држави, како и побрз премин за граѓаните од Албанија и Северна Македонија. Со заедничко управување на граничните и царински контроли, со едно застанување на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане, според премиерот Димитар Ковачевски, ќе се олесни работата на 11 илјади компании ориентирани кон извоз и трговија.

„На овој начин овозможуваме и полесен пристап до пристаништата во Албанија и полесен пристап до туристичките места во Албанија, како и во Северна македонија, а најубавите се токму тука на неколку километри од овој граничен премин. Она на што веќе се работи е комплетно нов коридор 8 и тоа е нешто што во наредните пет години ќе стане реалност“,
рече Ковачевски.

Ковачевски рече дека се работи на изградбата на нова железничка пруга меѓу Кичево-Лин, што ќе овозможи реализација на веќе договореното – суво пристаниште во Струга.
„Со овозможувањето на Коридорот 8 и сувото пристаниште во Струга и големите инвестиции што Албанија ги прави во Јонското море, практично бродските листови ќе доспеваат во Струга – нешто што некој не можел ни да го замисли досега. Тоа ќе значи подобра ликвидност на македонските компании, но и поголема можност да станат атрактивни за централно-европските држави за трговија“
додаде Ковачевски.

Од утре следува зголемување на капацитетот на службениците кои работат на граничниот премин, меѓутоа и воведување нови методи на работа кои што ќе го намалат чекањето на границите, најави Ковачевски.

Вицепремиерот и министер за политички систем, Артан Груби во своето обраќање најави дека по овој проект, Владата ќе продолжи со активности и на другите гранични премини.
„Нема ништо поубаво од отстранувањето на бариерите и границите помеѓу нас, и ова го правиме заедно. Ова ме прави многу среќен. Овој граничен премин работи неколку дена, а ми пишуваат граѓани од нашите две земји, ми се јавуваат на телефон, од задоволство што меѓу нас нема граница, сега има само една контрола, а се надеваат дека наскоро и тие единечните контроли кои ги имаме меѓу нас, ќе ги отстраниме. Искажувам благодарност до властите во Република Албанија, бидејќи не поминаа ниту три недели од посетата на премиерот Еди Рама на Скопје, кога заедно се обврзавме дека ќе го реализираме заедничкиот граничен премин со Република Албанија во Ќафасан и сега за помалку од три недели ова е реалност. Нема да застанеме тука, сите наши граници мора да имаат ‘One stop shop’, како пред-акт до отстранување засекогаш на границите помеѓу нас“,
потенцира Груби.

На свеченоста обраќање имаше и албанскиот премиер Еди Рама, а присуствуваа повеќе министри, пратеници, како и највисоки претставници на институциите за царинско управување на двете земји.