Новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи
Премиерите на Северна Македонија и на Србија Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ денеска го промовираа заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините, на наплатната рампа Прешево – мобилно продажно место.
Целта на ова е да се овозможи брзо поминување на патарините во Северна Македонија и Србија, при што граѓаните кои веќе го користат системот „М-таг“ ќе можат со регистрација во конкретниот систем непречено, автоматски да ги поминуваат патарините во соседната држава.
Според премиерот Ковачевски, ова е најдобра потврда дека „Отворен Балкан“ е иницијатива која, како што рече, дава резултати, функционира и луѓето ја сакаат.
„За само три месеци српски и македонски инженери успеаја да го направат решението за единствена електронска наплата на патарината. До следен петок ќе биде направено решението за товарен сообраќај. Ова е уште една потврда дека иницијативата работи токму на забрзување на протокот на луѓе, стоки и услуги и на капитал. Премиерката кажа дека благодарение на оваа иницијатива трговската размена меѓу двете држави е зголемена над 25% од нашата страна на 50% е зголемен извозот кон Србија. Исто така и од Србија е зголемен извозот кон Северна Македонија“,
кажа Ковачевски.
Премиерката на Србија, Брнабиќ, истакна дека целта на „Отворен Балкан“ е да се олесни животот на луѓето на овие простори и да се олесни трговијата, со што како што рече, ќе стекнеме повеќе богатство, но и да го подигне стандардот на граѓаните.
Таа наведе дека во моментов ознаката за единствената наплата со Северна Македонија може да се користи само за патнички сообраќај, а од петок ќе биде овозможена и за камионите и за економијата.

Во Северна Македонија, согласно податоците од ЈПДП од јуни годинава, има околу 20 илјади возила со инсталиран „М-таг“, додека во Србија повеќе од 500 илјади возила имаат инсталирано „М-таг“ и сите тие ќе бидат во можност, со регистрација на заедничкиот интегриран електронски систем за наплата на патарините, да можат непречено да поминуваат на наплатните рампи кои што автоматски ќе го регистрираат нивниот таг.
Корисниците на електронскиот уред за наплата ќе можат да го користат постојниот ЕНП-уред со негова реконфигурација и регистрирање на својата платежна картичка на едно од продажните места.
ЕНП-уредот ќе биде поврзан со платежната картичка на корисникот, додека самиот корисникот ќе може да избере дали ќе наплатува средства во национална или во странска валута.
Новиот начин на плаќање на патарина треба да го растовари и протокот на возила на наплатните рампи.
Предност за граѓаните е што нема да чекаат во редици во шпицот на сезоната и што побрзо ќе стигнат до посакуваната дестинација.